За една недела ќе се знае дали ќе се затвори рудникот Казандол

За една недела ќе се знае дали ќе се затвори рудникот Казандол. За толку време треба Владата да донесе одлука, откако на синоќешната седница го задолжила Министерството за економија да ги разгледа условите за раскинување на Договорот за концесија за експлоатација на минерални суровини и му дала рок од седум дена да го стои тоа.

Ваквата информација ги израдува активистите од Југоистокот кои што се залагаат за затворање на рудниците Казандол и Иловица, но се и против отворање на рудници на планината Кожуф. На фејсбук страницата на групата Спас за Гевгелија прогласија празник и ја слават нивната борба против отворање на тешка индустрија во југоисточниот регион.

Но на повиците на телевизија Телма да зборуваат пред камера, активистите од „Спас за Валандово“ одбија да ги кажат своите очекувања од одлуката на Владата, со образложение дека се внимателни и не сакаат да избрзуваат со изјави. Истиот став го дели и градоначалникот Костадинов.

Концесијата за експлоатација на руда за Казандол на концесионерот „Сардич МЦ“ му е доделена на 20 јули 2015 година. И од компанијата Сардич засега се воздржани и не ги коментираат одлуките од последната седница на Владата.

Сузана Мицева

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ