За два месеци нов македонски Културно – информативен центар во срцето на Истанбул

Се шири бројот на македонски културни центри во светот. По отворањето на Културно- информативните центри во Њујорк и Софија, во 2004 и 2005 година, за два месеци се очекува да проработи и најновиот македонски Културно – информативен центар во Истамбул. Тој е резултата на потпишаниот договор меѓу двете земји пред 7, а стапи на сила пред 5 години. Со Центарот ќе директорува писателот Рамадан Рамадани, велат од Министерството за култура.

„Согласно договорот , македонската страна го доби правото на користење еден кат од станбената зграда Сејран, во областа Бејоглу, во срцето на Истамбул. За директор е назначен Рамадан Рамадани, а отворањето се очекува за околу два месеци“, велат од култура.

Нашиот Културен центар во Истамбул, годинава ќе располага со буџет од 770 000 денари, со кој ќе бидат реализирани 6 изложби на домашни уметници, а ќе бидат претставени и млади македонски писатели. Реципрочниот карактер на договорот меѓу македонската и турската страна вклучува и отворање на турски Културно- информативен центар во Скопје, кој како што велат од ресорот Култура, ќе биде сместен во Куршумли ан. Република Турција , има обврска својот центар да го конзервира и реставрира, за што УЗКН веќе има дадено одобрение.

 Нашето Собрание ја ратификуваше Спогодбата, а се очекува тоа да го стори и Советот на министри на Република Албанија, по што во двете соседни земји ќе се отворат културно- информативни центри. Од наша страна, Владата веќе го назначи Златко Ориѓански за в.д. директор на македонскиот Културно – информативен центар во Тирана. Постапките за отворање наши културни центри во странство, се регулирани согласно Законот за надворешни работи, а по отворањето, финансирањето го превзема Министерството за култура.

Сотир Трајков

 

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ

Вести

„Медена земја“ од четврток ќе се прикажува во Прилеп Наградуваниот макеонски документарен филм „Медена земја“...