Водич за граѓаните со приходи над милиони денари сами да расчистат дали да се регистрираат како ДДВ обврзници

Сите граѓани кои лани оствариле приходи од над еден милион денари и имаат нејаснотии, односно не знаат дали влегуваат во категоријата ДДВ обврзници, за тоа ќе можат сами да се информираат преку Водичот подготвен од Финансии и граѓанската Цивитакс, кој веќе е поставен на веб страницата на УЈП. Ќе имаат само шест дена да бидат начисто дали влегуваат во групата за даночење, бидејќи согласно законот, најдоцна до 15 јануари треба да се регистрираат во УЈП како ДДВ обврзници, што значи дека ќе треба да платат данок од 18 проценти.

„Да биде јасно, мнозинството граѓани не се и не треба да бидат ДДВ обврзници, бидејќи платите, надоместоците и бонусите не се предмет на оданочување со ДДВ. Немаат обврска да влезат во системот на ДДВ ниту оние кои дополнително од платата прават промет помал од 1 милион денари на годишно ниво, односно 83.330 денари просечно месечно, а тие кои вршат промет повисок од ова, треба да видат дали сите промети им влегуваат во прагот, бидејќи постојат ослободувања и олеснувања“, вели Драган Тевдовски, министер за финансии.

УЈП неодамна до околу 10 илјади граѓани испратила барања да се регистрираат во системот како ДДВ обврзници, но по неколку дена тие биле повлечени. Според сознанија на Телма, овој водич е изготвен токму со цел да се расчистат граѓанските дилеми за тоа кој се ќе подлежи на овој данок, и потоа доброволно да се регистрираат во УЈП.

„Ние побаравме со цел граѓаните да бидат подобро информирани да можат да видат во детали многу подобро изработено во Закон, но пак почитувајќи се што е постојно законско решение, УЈП да побара увид во документи. Сега секој граѓанин ќе може покрај законот да има многу подобра информација ќе може да има увид. УЈП ова денеска го постави на својот сајт со известување дека тие кои го надминуваат прагот треба да се пријават“, изјави Драган Тевдовски, министер за финансии.

Законот вели дека во вкупниот промет за регистрација за цели на ДДВ влегуваат приходите од вршење стопанска дејност, како што се вештаци и стечајни управници, приходи од земјоделска дејност, потоа остварени од договор на дело, од авторски договори и права од индустриска сопственост, од членување во надзорни одбори и слично. Ослободени од данокот, пак, се оние што ќе издаваат станови за живеење, но не и простор за деловни цели. Приходите на луѓето од ИТ секторот кои даваат услуги за странство нема да бидат предмет на даночење, но ќе бидат оние кои работат во земјава.

Во водичот и низ примери се покажува кој треба да се регистрира, на пример, лицето има плата годишно од 600 илјади денари, изнајмило деловен простор од 200 илјади, дало ИТ услуги кон странство од 400 и кон земјата од 600 илјади денари, па иако има годишен промет од 1,8 милиони денари, нема обврска да се регистрира како ДДВ обврзник.

Во наредниот период ќе има законски измени со кои од обврска за плаќање данок ќе бидат исклучени невладините организации, професорите кои остваруваат приходи од менторство, на пример на магистерски и докторски студии, но и од издавање на научни публикации. Исклучена ќе биде и научната дејност.

„Со зак измени се стимулира научно истражувачката работа и се признаваат спецификите на граѓанскиот сектор во делот на вршење на дејноста од јавен интерес“, вели Марјан Петрески, Цивитакс.

Ќе се предвиди и дека лицата кои сакаат да излезат од системот на ДДВ, тоа ќе можат да го сторат не дури по пет години како што е сега, туку после две години, доколку во тој период има помал промет од еден милион денари и не оствари поврат на ДДВ.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ