Во раните утрински часови успешно заврши првата трансплантација на срце

Успешно заврши трансплантацијата на срце на Клиниката за кардиохирургија. За првпат во нашата земја е изведена трансплантација на срце, односно трансплантација од починат донор. Операцијата заврши утринава во 2.43 часот, а утринава социјалните мрежи се преполнети со честитки до тимот, кој го водеше  проф. д-р. Сашко Јовев од државната кардиохирургија, акад. д-р. Жан Митрев од „Жан Митрев Клиника“, проф. д-р. Александар Николиќ од болницата „Аџибадем Систина“ и анестезиологот д-р. Маја Мојсова од Универзитетска Клиника за анестезија, реанимација и интензивно лекување, воедно и национален координатор за трансплантација.

Министерот за здравство Венко Филипче, кој го придружуваше тимот кардиолози, на ФБ напиша

– Трансплатацијата успешна!  Ова е огромен успех на македонското здравство. Честитки до сите колеги .

Специјализантот на државната Кардиохирургија, Кристијан Бундовски, утринава на ФБ напиша
– Доцна во ноќта додека градот спиеше во 02:43 часот зачука срце…..Во Република Македонија, на Универзитетската Клиника за Државна Кардиохирургија се направи ПРВА ТРАНСПЛАНТАЦИЈА на СРЦЕ !! Вредните раце и паметните глави на нашите врвни стручњаци на чело со Проф. Др. Сашко Јовев, во оваа вонредна состојба направија чудо….испишаа историја !! Во услови на пандемија, во услови на страв, во услови на безнадежност … победи хуманоста и љубовта. Победи цената за сите оние непреспиени ноќи над книга, победи секоја солза и тага за загубен живот, победи вистинска посветеност, да се биде ! Хируршкиот тим со извонредна професионалност, прецизност и внимание го изведе ова ремек дело, a кога би ги претвориле сите оние милиметарски потези во ноти, во операционата сала број 2, оваа ноќ свиреше симфонијата “Живот” !
Честитки Господа !!!
Срцето беше донација од почината 43-годишна пациентка, чие семејство се согласи да го донира на 53-годишен пациент кој подолго време чекал да добие ново срце.
Од починатата пациентка, донирани се и два бубрега, кои во моментов се трансплантираат на Клиниката за урологија.
Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ