Во попладневните часови кулминира сообраќајниот метеж во Скопје

Редици возила, заглавен сообраќај на клучни точки во Скопје. Возачи кои од едно до друго место патуваат и до трипати повеќе од вообичаеното. Ова е скопското секојдневие, секое попладне во изминатите неколку недели.

Една од главните градски улици, онаа пред Собранието, секој ден е затворена поради протести на група граѓани. Но, тоа е само еден од многуте проблеми. Градската инфраструктура, постојаното затварање улици поради реконструкција е исто така причина за често пренасочување на возилата и создавање уште повеќе гужва.

Таму каде што се одвиваат протестите, неколку дена се ослободени раскрсниците кои што беа претходно блокирани. Меѓутоа тоа што е пред собрание ние мораме да го блокираме. Секој ден е обичен, освен викендите. Во тие моменти кога имаме најголем шпиц, при одењето на луѓето на работа и при враќањето, е исто така нешто што ние го констатираме. Нашите полициски службеници се присутни на тие раскрсници. Меѓутоа знаете, протокот на возилата не зависи од тоа дали ќе имате полицаец на расксрница. Зависи од профилот на улиците, зависи од планирањата коишто биле на сообраќајниците, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Скопје е град проектиран за живот на нешто повеќе од 200 илјади жители. И големите булевари и улици се во склад со тоа. Сепак, во главниот град моментално живеат повеќе од 700 илјади жители.

Од Град Скопје се оградуваат од одговорност за сообраќајниот хаос со кој се справуваат скопјани, бидејќи МВР било задолжено за тоа. Од таму само ветуваат дека ќе придонесат кон олеснување на гужвите со низа проекти и реформи.

Градот Скопје работи на планови за нови капитални сообраќајни решенија со кои би се подобрило одвивањето на сообраќајот во Скопје.  Дополнително, работиме и на проекти за намалување на бројот на возила, преку модернизација на јавниот превоз, и подобрување на велосипедската инфраструктура.

Улицата пред Собранието е блокирана од половината на октомври, кога започна дебатата за устваните измени внатре во законодавниот дом. Сообраќајот главно се пренасочува преку Св. Кирил и Методиј кај Старата железничка.

Петар Догов

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ