Во Куманово се потврдени уште три нови случаи на Ковид 19- oд денеска во градот е стопиран секаков градски и меѓуградски автобуски превоз

Во Куманово се потврдени уште три нови случај на Ковид 19 и во овој град досега се регистрирани вкупно 11 заразени. Од денеска во градот е стопиран секаков градски и меѓуградски автобуски превоз, но улиците беа повторно полни, а градските власти по третпат бараат целосен карантин за Куманово. Во меѓувреме е откриен уште еден тежок случај кој е негативен на тестовите, а ги има истите тешки симптоми како првата жртва на короната, 57-годишната кумановка почината во саботата,

Немаше автобуси и комбиња, но автомобили па дури и мотокултиватори „ораа“ по кумановските улици на првиот ден од новите рестриктивни мерки во градот кој сега е на трето место по број на заболени од корона вирус. Денеска уште тројца кумановци се заболени, објави здравство напладне. Но покрај новозаболените тројца, уште трие пациенти се сомнителни-, еден од нив во тешка состојба и со негативен тест на корона се однесени во скопска инфективна. Сличпна состојба како во случајот со 57-годишната кумановка, првата жртва на корона, негативен тест, а  тешка клиничка слика.

-Од ден во ден се менува состојбата. Од час во час се менува. Да, упатуваме и пациенти кои се негативни. Значи во моментот додека сега зборуваме, упатуваме еден пациент, кој вчера стигна резултат дека е негативен, меѓутоа клинички се влошува состојбата. Исто така се упатува и брачна двојка, од која сопругата е позитивна, а сопругот е негативен. Меѓутоа биле во иста соба, покажуваат слични симптоми, а пациентот е од ризичните категории. И тие двајца се упатени на скопските клиники, изјави директораката на кумановската болница Снежана Захариева.

Телма: Дали тој пациент првиот е исто така вработен во чевларските фабрики и дали имал контакти со увезени италијански кожи?

Захариева:  Не може да ви кажам, епидемиолошките податоци ги зема епидемиолог.

Во општината редовен состанок на кризниот штаб за заштита и спасување, а локалните власти остануваат на ставот- да се прогласи целосен карантин.

-Општината опстојува на своето барање, Куманово да биде прогласено за карантинска зона, со контролиран влез и излез од градот, со дополнително вршење на дезинфекција на сите тие 12 на број пунктови. Паралелно дадовме насоки за дополнително вршење на дезинфекција на локации каде што живеат или во близина живеат сите позитивни на тестовите.  Апелиран до граѓаните на смиреност. Ова е борба во која учествуваме сите и сите треба да дадеме свој придонес. Едноставно ќе го направиме тоа така што ќе останеме дома и да го намалиме своето движење на минимум. Мора да потенцирам дека одредени сограѓани не го почитуваат тоа, изјави градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски.

Во Куманово имаше отворено и други продавници освен оние што се храна или аптеки, а граѓаните ги поздравуваа мерките иако имаше и граѓани на прошетка.

-Помалку раздвиженост има, посебно за постарите лица и за лицата до 18 години. Автобусите не се движат, нема јавен превоз. Сега засега може да кажеме дека со овие мерки е подобро. Се шири паника, секако дека има, но се надеваме на подобро, изјави еден кумановски таксист.

-Состојбата е таа, без промени. Чувме дека е влошена. За мерките- вирусот е влезен, кога ќе си оди, ќе видиме, рече еден кумановец.

-Се треба да се забрани Да нема пристап до Куманово. Се разнесува вирусот. Што повеќе шетање- тоа повеќе вирус, изјави жител на градот.

Инфективното одделение на болницата ќе прима само заболени од корона, рече директорката Захариева, а останатите пациенти со дијагноза на друга заразна болест ќе бидат згрижени на одделението за уво, грло и нос. Нема одмори за медицинскиот персонал, но се бара и помош од Скопје бидејќи еден од 4-цата инфектолози е заболен од корона.

-Ние треба да бидеме подготвени дека уште некој од персоналот може да заболи. Малку се. Имаме дефицитарен кадар. Инфектолозите беа 4-ца, сега се тројца. Имавме помош од уште двајца лекари, еден помлад специјализант и уште еден општ лекар, како и еден лекар од општа пракса кој е со искуство и порано давал дежурства. Тоа се ресурси во однос на лекарите. Што се однесува на медицинските сестри, се прави прерасределба на персоналот согласно указот од министерството за работа во вонредна состојба. Значи од  еден на друг оддел, ама не шетање туку се распределуваат од онаму каде нема потреба се упатуваат на помош на инфективниот оддел, рече Захариева, директорката на кумановската болница каде досега се регситрирани 4-ца заболени (двајца лекари и две медицински сестри).

Во моментот во болницата има доволно заштитни средства, тврди директорката, но тоа мора да се обновува и побара и помош. Општината ќе се обиде преку локални фирми да издејствува производство на заштитни маски кои ќе се стерилизираат во болницата.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ