ВМРО-ДПМНЕ: Русковска и овоможи на Јанева да уништува докази

Русковска и обвинителството мора да сносат одговорност за пропустите во истрагата за „Рекет“, а претседателот Пендаровски ја пуштил низ вода Катица Јанева во обид да создаде алиби, се обвинувањата кои денеска ВМРО-ДПМНЕ ги упати на адреса на обвинителката и на шефот на државата. Според ВМРО-ДПМНЕ Русковска со недејствување и непритворање на Катица Јанева и овозможила да уништува докази и да влијае на сведоци. 

„Русковска мора да сноси одговорност за пропустите и просторот што и го отвори на Јанева, но и за другите замешани да влијаат на сведоци и уништуваат докази. Јанева и СЈО се алатката преку која е вршен рекетот, кој без директна поддршка од власта не би бил можен. Боки 13 и Зоки Кичеец се само обични извршители. Затоа истрагата мора да се прошири до врвот на власта“, изјави Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

Јанушев вчерашната изјава на претседателот дека тој ги презема сите мерки и активности за непречено да се одвива истрагата, го оцени како непознавање на сопствените надлежности и оти се обидел да создаде алиби со, како што рече, пуштање низ вода на Катица Јанева.

Од таборот на СДСМ денеска за „Рекет“ се огласи Оливер Спасовски, актуелен министерот за внатрешни кој пак побара брза и ефикасна истрага и изведување пред лицето на правдата на секој кој бил инволвиран во случајот „Рекет“.

„Апсолутно мораме да имаме брза, ефикасна истрага, изведување пред лицето на правдата на секој еден којшто бил вмешан во кој било случај со цел криминалот и корупцијата конечно да го добие тој удар којшто ѝ е потребен“, изјави Спасовски.

За случајот „Рекет“ прес одржа и Алијанса за Албанците според која случајот покажал дека судството и политиката се во заемна соработка и тоа го нарушува и угледот на државата во меѓународната заедница.

„Ние сметаме дека овој скандал овие последни случувања имаат огромни политички реперкусии што се однесува до политичкиот живот во Македонија и се гледа дека на некој начин државата влегува во огромна политичка криза“, изјави Илми Азири, Алијанса за Албанците.

Од Алијанса го повторија ставот дека на чело на СЈО треба да застане обивнител од странство. И Алијанса, исто како и ВМРО-ДПМНЕ денеска повторо повикаа на предвремени избори.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ