ВМРО ДПМНЕ поднесува амандмани на Закон за употреба на јазиците

ВМРО ДПМНЕ ќе се обидат амандмански да ги внесат заклучоците на Венецијанската комисија во Законот за употреба на јазиците. Мицкоски побара поддршка од владините партнери со цел, како што рече, еден неуставен закон да стане устевен, во духот на европските практики.

Со различните изјави за ова прашање, Заев деновиве остави дилема, дали ретерираше во однос на препораките на Венецијанската комисија? Во завчерашната изјава за медиумите, најави дека ќе ја испочитува Венецијанската комисија која е во насока на ревизија на Законот за јазиците, додека вчера, по изјавите на Османи, излезе со став дека нема да дозволат повторно отворање на работи кои би можеле да не` поделат.

Вицепремиерката Радмила Шекеринска, пак, излезе со став дека сите досегашни препораки на Венецијанската комисија биле имплементирани. Потсети дека, неодговорни политичари нè доведоа на раб на војна, создавајќи нереален страв, изразувајќи надеж дека, некои од партиите научија нешто од тоа искуство.

Вицепремерот Бујар Османи, по враќањето од Венеција, ја повтори познатата теза дека, ако кој било се обиде на најсензитивното прашање да пристапи еднонасочно, „се` ќе биде како во 2001 година“. Толкуваше и дека, експертите на Советот на Европа само укажувале на можни, но не и на неопходни промени. Во 2017-та година, пред донесувањето на законот, велеше поинаку. Дека, препорака од Јоханес Хан е, законот да биде оценет од Венецијанската комисија пред да се усвои, за да не се случи потоа да биде оспорен пред Уставен суд. Рече и дека, за разлика од претходната влада, актуелната одлучила да ги почитува сите препораки на Прибе, ГРЕКO, Венецијанската комисија, ОБСЕ-ОДИХР и извештаите на Европската комиаија. Опозициските партии на Албанците, пак, најавија заеднички фронт против дефиницијата на нивните сонародници во земјава како малцинство, и најавија дека ќе бараат промена на Уставот во делот на албанскиот јазик.

За Венецијанската комисија, е најспорна имплементацијата на Законот во делот на правосудството и казнените одредби.Освен тоа, се препорачува употребата на албанскиот јазик во внатрешна и меѓуинституционална комуникација да се ограничи само на писмени службени комуникации. Во извештајот, меѓу другото, пишува и дека Законот не треба да се носи pо скратената постапка, во отсуство на опозицијата и без амандманска расправа. Потребна е јавна дебата, бидејќи е од широк јавен интерес.

Во меѓувреме, професорката Тања Каракамишева, која е и актуелен претставник на Македонија во Венецијанската комисија,најави дека неделава ќе биде поднесена иницијатива пред Уставниот суд за поништување на Законот за јазици. Повика и други универзитетски професори да ја поддржат иницијативата.

Далиборка Демјанска Цветановска

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ