Влатко Илиевски пронајден мртов во неговиот автомобил

Пред само пет денови, во понеделникот го прославил својот 33 роденден, синоќа е пронајден мртов. Безживотното тело на познатиот рок поп пејач Влатко илиевски е најдено во брендираниот автомобил Тојота на булеварот Трета македонска бригада најверојатно близу фабриката Раде Кончар по анонимен повик до полицијата.

„Според неофицијални информации, пејачот со своето возило се движел во правец кон Лисиче, но возилото е веќе подигнато за вештачење, а увидот на лице место е завршен. Се уште останува мистерија како починал младиот Влатко Илиевски“

Телото е дадено на обдукција. Првичните информации се дека нема траги на насилство. Од судска медицина за Телма велат дека се прават и токсиколошки анализи чии резултати би можеле да се очекуваат и по една недела. Обвинителството и полицијата за сега само кусо коментираат дека работат за да се утврдат причините за смртта на Илиевски.

„Се уште немаме никакви сознанија. Кога ќе имаме информација којашто треба да биде споделена со јавноста тоа ќе го соопштиме“ кажа Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи.

А, македонската јавност веќе е шокирана од веста за прерано загубениот живот на ѕвездата. Се објавуваат негови последни објави на личниот фејзбук профил, последни поздрави од неговите колеги го преплавија интернетот.

Тој само неколку часови пред смртта си објавил фотографија на фејсбук со наслов од познатата песна на Бајага и Инструктори. Неговите колеги пак се присеќаат на последните моменти во кои разговарале со него. Актерката Весна Петрушевска дури ја објави и преписката која ја имала со Влатко попладнето пред да почине.

Не помалку траорни се пораките и од останатите.

„Драг Влатче, не можам да поверувам… Почивај во мир другар.“ напиша пејачката Каролина Гочева

„Ќе ми недостигаш засекогаш“ напиша пејачката Тамара Тодевска.

Влатко Илиевски ја започна својата музичка кариера во 2000 година со групата Морал. Подоцна продолжи да пее самостојно. Во 2011 ја преставуваше земјава на Евровизија со песната Русинка во Дизелдорф, Германија. Денеска и на официјалната интернет страница за овој музички натпревар е објавена веста за трагедијата.

Инаку има завршено на Драмскиот факултет и покрај тоа што јавноста почесто го гледаше на музичката сцена, знаеше да се појави на ТВ екраните и како актер.

Влатко Илиевски ќе остане запаметен по неговите хитови Со други зборови: Најбогат на свет, Небо, Македонка, и дуетот со Тамара Тодевска Гушни Ме. Влатко Илиевски ќе биде погребан утре.

Билјана Николовска

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ