Влада: За одлуката за полицискиот час ќе се водиме од науката, а не од политиката

По дводневен молк владата попладнево ќе решава дали продолжениот викенд ќе биде карантински. Велат дека досегашното неизјаснување не било поради неусогласени ставови во Кабинетот.

„Политички одлуки не се решение на здравствени проблеми, туку одлуките на здравството може да ги решат здравствените проблеми. Денеска седницата ќе бдие во 17.00 часот и тогаш ќе одлучуваме по овој предлог“, изјави премиерот Оливер Спасовски.

Сепак Спасовски не сакаше да потврди дека в сабота во 19.00 часот ќе започне 58 часовниот карантин кој го предложи Комисијата за заразни болести.

„Ако е во 17.00 часот Влада, не можам да ви кажам денеска во 13.00 часот“, одговори Спасовски.

И додека владата се уште размислува за предлогот на Комсијата за полицискиот час, Исламската верска заедница повторно кажа дека нема да го почитуваат доколку тој биде донесен.

„Во оваа пригода, уште еднаш потенцираме дека ИВЗ ќе остане верна на својата одлука за обавување на молитвата на Бајрами во џамиите заедно со своите верници која ќе трае само 15 минути, притоа водејќи дополнително внимание да се почитуваат правилата на однесување и обезбедување на мерките за заштита од пандемија“, е ставот на Исламската верска заедница.

Сапсовски на ова одговори дека никој не е над државата.

„Од државата нема посилен никој. Ни политичар, ни функционер, ни верски лидер, ни институција. Никој, апсолутно. Државата е таа која што ги носи одлуките и таа е која што управува со системот во вакви ситуации. Така да воопшто, ако некој мисли дека ќе врши притисок по разно-разни основи, не знам, ако му паднало на памет, може и нема таков притисок, треба да знае дека преку притисок нема да издејствува ништо“, вели Спасовски.

Во меѓувреме ИВЗ обвини дека полицијата вршела притисок врз имамите да не се молат за време на Бајрам и оти влегувала и во џамиите да врши притисок.

На ова експресно стигна демант од МВР од каде категорично ги отфрлија ваквите обвинувања како паушални и неточни и од каде велат дека во нивните редовни активности за спроведување на мерките на владата спаѓа и соработката со верските заедници.

„И во оваа ситуација станува збор за редовна полициска активност со цел доследно спроведување на мерките и препораките на Владата на Република Северна Македонија“, се наведува во сопштението од МВР.

Првиот полицаец во државава пак го добјасни постапувањето на полицијата за кое обвини ИВЗ, при што на фејсбук напиша дека  како министер нема да дозволи полициските службеници да вршат притисок и да влијаат на работата на верските објекти и заедници..

„Постапувањето на МВР беше во насока да им се укаже на припадниците на верската заедница, односно на свештениците, да постапуваат согласно мерките и одлуките на владата, а не да не се одржуваат верски молитви“, вели Наќе Чулев, министер за внатрешни работи.

Но освен од ИВЗ на сметка на полицијата денеска забелешка стигна и од премиерот Спасовски, според кого полицијата недоволно постапува во насока на спроведува на мерките за негрупирање и носење маски, велејќи дека во тоа игра улога и политиката.

Тамара Грнчароска

 

 

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ