Владата со 3 милиони денари ќе ја награди екипата на „Медена земја“, а Град Скопје ќе одлучува за награда од 600.000 денари

На седмата седница на Владата донесена е одлука во знак на признание на меѓународниот успех на екипата на документарниот филм „Медена земја“, да им биде доделена награда во висина од 3 милиони денари или околу 50.000 евра.

Градот Скопје ќе додели парична награда во вредност од 600.000 денари за авторската и актерската екипа на документарниот филм „Медена земја“. Ваква одлука се очекува да донесе Советот на Град Скопје, на денешната седница. Оваа награда се доделува за придонесот на ова филмско ремек-дело за афирмација на нашата земја и култура во светот, како и за промоција на вистинските човечки вредности и односот кон животната средина од која зависиме и која треба да ја чуваме. Градот Скопје со овој чекор ја потврдува својата заложба за поддршка и афирмација на културата, со надеж дека ваквиот позитивен однос ќе ги поттикне културните работници да творат и да создаваат незаборавни дела. Филмот „Медена земја“ на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов освои многубројни награди на престижни филмски фестивали низ светот, а беше номиниран и за Оскар, во категориите Најдобар документарец и Најдобар странски филм. Приказната за Атиџе, одгледувачката на диви пчели, ги освои срцата на гледачите, но и на филмските работници, и испрати силна порака за важноста на здравата и чиста животна средина и за зачувување на рамнотежата во природата, се вели во дописот од Град Скопје.

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ