Влада Урошевиќ: Секој чин на пишување песни денес во светот е еден вид отпор

„Во еден свет во кој поезијата е поттурната настрана, каде што пишувањето песни станува една дејност на која јавноста не ѝ подарува речиси никакво внимание, славењето на поезијата низ еден ваков фестивал како што е Струшкиот претставува благороден и високо морален чин. 

Тоа што ја одржува во животот поезијата е – отпорот. Секој чин на пишување песни денес во светот е еден вид отпор. До вчера, во овие краишта, тоа беше отпор против обидите поезијата да се претвори во орудие на претераната идеологизација во служба на политичката елита. Денес – песната станува еден вид отпор против сè пожестоката и сè понемилосрдната материјализација на сè што постои. Светот вели: „Сè е на продажба!“ Песната одговара: „Сè освен мене!“ Дури и најнаивните љубовни стихови на некој поет-почетник се израз на бунтот против сфаќањето дека сè може да се сведе на најпрозаична реалност, дека човековата егзистенција нема друга смисла освен барање на колку што е можно полесен пат кон ефтините удопства и лажните задоволства“. 

Моќно одекна овие реченици на славниот македонски поет Влада Урошевиќ вчеравечер во Струга, како дел од свеченото отворање на годинашното, 58-мо издание на најстарата светска поетска манифестација која се одржува во континуитет – „Струшките вечери на поезијата“. На Урошевиќ, кој годинава слави 85 лета, му припадна честа да биде првиот поет што ја изговорил „Поетската порака“ на отворањето на фестивалот, што е новитет воведен годинава.

Церемонијата на отворањето на Струшки вечери на поезијата (СВП) на сцената пред Центарот за култура почна со читање на „Т`га за југ“ на Константин Миладинов на четири јазика – македонски, англиски, албански и француски, а на овие четири јазика беше и обраќањето на водителите. Воведувањето на албанскиот и на францускиот јазик во двете главни церемонии на СВП – отворањето и затворањето – е уште една иновација во годинашното издание на поетскиот фестивал, како тенденција за почитување но и збогатување на мултикултурноста во земјава.

На церемонијата се обратија и министерот за култура Хусни Исмаили и директорот на фестивалот, Тодорче Тасевски.

Фестивалот беше отворен со палење на фестивалскиот оган и со величествен огномет.

По отворањето на фестивалот, се одржа меѓународното поетско читање „Поетски меридијани“, во кое учествуваа голем број од годинашните 32 поети од 24 земји од странство и поети од земјава.

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ