Виси ли далноводот во Охрид? МЕПСО тврди, проектот нема да пропадне, тендерите овој месец

Виси ли во воздух најголемата инвестиција во енергетскиот сектор, тешка 48 милиони евра, ќе се реалира ли во предвидениот рок? Порталот Плусинфо објави дека изградбата на 400-киловолтниот далновод и трафостаница во Охрид, што е всушност енергетско поврзување на земјава со Албанија, доцни веќе две години, и постои опасност целосно да пропадне. Причина за ова, наводно, биле големите внатрешни кавги во МЕПСО, меѓу директорот Сашо Василевски, и дел вработените кои му се спротивставувале. За оваа инвестиција парите се обезбедени уште во 2015 од ЕБРД, и тоа 36 милиони евра заем и 12 милиони грант. Но ако до декември годинава работите не мрднат од мртва точка, се наведува, не само што ќе се плаќаат пенали, туку има опасност целиот проект да пропадне, бидејќи тогаш завршува и договорот за користење на заемот. На терен нема ништо, се наведува, дури ни градежна дозвола, а албанската страна веќе го завршила својот дел од задачата.

Од државниот оператор, пак, преку писмено соопштение ги демантираат овие наводи, тврдат дека се груби дезинформации со кои се прави обид да се наруши угледот на генералниот директор на МЕПСО, како и на многу професионалци, а воедно и угледот на компанијата. Не само што не постои опасност проектот да пропадне, велат, туку напротив, се интензивира. Двата тендери ќе бидат објавени овој месец.

„Договорите за овие капитални објекти кои се очекува да бидат склучени оваа есен ќе го зголемат интензитетот на активности по заемот, а со тоа и повлекувањето на средствата од кредитната линија. Лага е дека целиот проект ќе пропадне. Процесите беа закочени од страна на претходното раководство и претходните проектни тимови, а  заради неквалитетно завршени проектни задачи наследивме и многу отворени прашања. Инженерите и други стручни лица во МЕПСО со многу напор и енергија дојдоа до решенија со кои проектот се помрдна од мртва точка и забрзано се оди кон тоа да финишира со објавување на меѓународни тендери кои се изработуваат по правилата на ЕБОР“, велат од АД МЕПСО.

Порталот пишува и дека според некои вработени, тендерот се местел, но раководството било со цврста намера да ја истурка работата, па многу луѓе во МЕПСО биле сменети од позициите. Наводно, директорот инсистирал двата тендера, за трафостаницата и за далноводот, да се спојат во еден, што можело да ја поскапи инвестицијата за 20 отсто.

Од МЕПСО, пак, тврдат дека е апсурдно да се прејудицира дека се избрани фирми, на тендери кои не се ниту распишани.

„Најодговорно тврдиме дека е чиста дезинформација дека е вршен притисок за спојување на двата тендера во еден. Напротив. .. Факт е дека имаше промена на лица кои учествуваат во работниот тим за реализација на проектот, но легитимно е правото на генералниот директор да поставувува и да менува членови во работните групи, особено кога поединци не ги даваат очекуваните резултати“, велат од МЕПСО.

Процесот за добивање одобрение за градба тече независно, и не е поврзан со објавувањето на тендерите, тврдат од компанијата, како и дека за сите активности, МЕПСО редовно ја информирал Владата. АД МЕПСО е 100 отсто државна компанија.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ