Верстапен најбрз во Шпилберг, потфрлија возачите на „Мерцедес“

Возачот на „Ред Бул“, Макс Верстапен победи во Шпилберг на деветата трка во формула еден шампионат за Големата награда на Австрија по која Германецот Себастијан Фетел на Ферари ја презеде лидерската позиција во Генералниот пласман.

Холанѓанецот за петиот успех во кариерата беше побрз за една ипол секунда од второпласираниот Финец Кими Раиконен на „Ферари“. Победничкиот подиум го комплетираше Германецот Фетел.

Возачите на „Хас“, Французинот Роман Грожан и Данецот Кевин Магнусен се изборија за четвртото и петото место, додека бодови до 10 позиција обезбедија уште, Французинот Естебан Окон на „Форс Индија“ и неговиот тимски колега, Мексиканецот Серхио Перез, потоа Шпанецот Фернандо Алонсо на „Мекларен“, и двајцата возачи на „Заубер“, Чарлс Леклерк од Монако и Швеѓанецот Маркус Ериксон.

Потфрлија возачите на „Мерцедес“. Финецот Валтери Ботас и Британецот Луис Хамилтон не јазвршија трката во Шпилберг иако ги имаа првите две стартни позиции. Актуелниот првак ја загуби и лидерската позиција во Генералниот пласман кај возачите. Од денеска Фетел е на врвот со 146 бодови, потиснувајќи го на втората Хамилтон кој има само еден бод помалку. Раиконен се проби на третата позиција со 101 бод.

Следната 10 трка е закажана за осми јули на патеката во Силверстоун за Големата награда на Велика Британија.

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ