Венко Андоновски по втор пат добитник на Рациново признание за проза

Писателот и драмски автор, Венко Андоновски , за збирката раскази „ Припитомување на кучката- раскази за лудилото“, го доби Рациновото признание, за проза. Тоа ќе му биде доделено на поетската манифестација Рацинови средби, чие 56 издание , традицилно ќе се одржи во Велес,  на 6 и 7 јуни. Зад оваа одлука стои 3 члено жири, со кое претседаваше Мишел Павловски. Тој истакна дека на конкурсот пристигнале книги од 6 автори, а во тесната селекција влегле 3, од кои изборот паднал на збирката „ Припитомување на кучката- раскази за лудилото“, од Венко Андоновски.

  • Збирката е ремек дело во современата македонска книжевност. Во неа има и топлина и пародија, истакна претседателот на жирито Мишел Павловски.
  • Заблагодарувајќи се за наградата, лауреатот Андоновски рече дека и пред 25 години го освоил Рациновото признание за проза, за книгата „ Фрески и гротески“. Но од тогаш до денес, времето е многу забрзано и ги брише моралните вредности, истакна Андоновски. Според него, Рациновото признание за проза, е највисоко за него, зашто го носи името на Коста Солев Рацин.
  • Ако сум се доближил до книжевните идеали на Рацин, тогаш сум многу среќен, дополни Андоновски.

Според градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, кој е претседател на Организациониот одбор на „ Рациновите средби“, нивните заложби се манифестацијата во иднина да го врати стариот сјај , како кога се одржувала на сојузно ниво во поранешна Југославија, за разлика од годинашното издание на кое Министерството за култура му додели само 100 илјади денари. Исто така, Коцевски кажа дека годинашен добитник на почесното Рациново признание, за автор од странство, е словенечкиот поет, професор и актуелен амбасадор на Република Словенија во Северна Македонија, Милан Јазбец. Наградите на добитниците ќе им бидат врачени во рамките на манифестацијата.

56 издание на „ Рациновите средби“ , ќе се одржи годинава, кога се навршуваат 80 години од печатењето и објавувањето на збирката „ Бели мугри“, од Кочо Рацин.

Сотир Трајков

 

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ