Венецијанската комисија ќе се изјасни до декември

Мислењето на Венецијанската комисија за Законот за јазици се очекува до крајот на годината и потоа ќе се имплементира. Ќе се настојува обезбедувањето на правото за употреба на јазик да не го загрози правото на правда, како што рече премиерот Заев.

Венецијанската комисија требаше да ги утврди заклучоците на пленарна седница на 11 и 12 овој месец. Точката е одложена по барање на Владата. Министерката за правда Рената Тренеска-Десковска објаснува дека енергијата е насочена кон очекуваниот датум за преговори со ЕУ и дека е потребно време за подготовка на добра дискусија пред Венецијанската комисија.

За министерката не постои дилема дека мислењето на венецијанската комисија треба да се имплементира.

Вчера и завчера, од СДСМ и од ДУИ дојдоа различни ставови по драфт верзијата на Венецијанската комисија. Едните рекоа дека се треба да се имплементира, а другите дека законот е добар и не треба да се менува. Според неофицијалниот документ, меѓународните експерти препорачуваат Владата да се откаже од двојазичноста во судските постапки и да се регулира употребата на албанскиот јазик во меѓуинституционалната комуникација. Опозицискиот лидер Христијан Мицкоски се огласи преку социјалните мрежи: ВМРО ДПМНЕ предупредила дека законот ќе претрпи реперкусии и дека е донесен со насилие врз правото. Веднаш по неговото донесување во јануари, ВМРО ДПМНЕ го оспори Законот и пред Уставниот суд. Судот се уште не се изјаснил иако има добиено три иницијативи.

Соња Николовска

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ