Вардар тргна со подготовки: Во новата сезона брани три трофеи

Европскиот ракометен првак Вардар денеска го одработи првиот тренинг пред почетокот на новата сезона. Со нов тренер и нови ракометари, „црвено-црните“ означија официјален старт на подготовките.

Стратегот Давид Писонеро на првиот тренинг на располагање ги имаше сите ракометари, освен капитенот Стојанче Стоилов, кој е повреден. За прв пат црвено-црните бои ги облекоа и шесте нови ракометари, Хозе Толедо, Сергеј Горпишин, Артурс Кугис, Димитар Димитриоски, Домен Сикошек Пелко и Павел Атман.

 Тимот ќе работи во Скопје до 2 август, а потоа ќе замине во Требиње, бих. Таму ќе продолжат подготовките, а Вардар треба да настапи  меѓународен турнир на кој ќе учествуваат уште неколку екипи од просторот на поранешна Југославија.

Потоа следува суперглоуб турнирот или неофицијалното светско клупско првенство што ќе се одржи во Саудиска Арабија. Тоа воедно ќе бидат и последните подготовки пред почетокот на новата сезона во СЕХА-лигата и Лигата на шампиони.

Вардар во новата сезона ќе ги брани трофеите во Лигата на шампиони, СЕХА-лигата и домашното првенство.

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ