Вардар испиша нова историја во Келн: Прв тим што победил по -7 на полувреме!

Вардар се пласираше во големото финале на завршниот турнир во Лигата на шампиони откако ја победи Барселона со магичен пресврт во второто полувреме. „Црвено-црните“ славеа со 29-27 иако на полувремето имаа негатива од 16-9. Вардар воедно стана и првиот тим во историјата на завршните турнири во Келн што дошол до победа откако на полувреме имал неатива од седум голови.

Во првиот дел ништо не одеше во прилог на „вардарци“ кои беа безмилосно беа казнувани од Барселона за секој утнат зицер. Слабата реализација на нападите придонесе „каталонците“ на полувремето да водат со 16-9, а оваа предност од седум голови ја одржуваа и до 40-тата минута.

Тука почна пресвртот на Вардар, полека ја топеше негативата, а клучниот исчекор кон големата победа го направи при резултат 25-19. Следуваше серија од  9-1 со која дојде до предност од 28-26 на една минута до крајот на натпреварот. Барселона немаше ниту време, ниту сили за нешто повеќе, па Вардар славеше со 29-27 и го повтори успехот од 2017 година, кога исто така преку шпанскиот гигант стигна до големото финале. Овој пат во мечот за титулата ќе го чека Веспрем.

Даинис Криштопанс одигра фантастичен натпревар и беше најдобар стрелец со 10 голови, Игор Карачиќ постигна пет, четири голови имаше Фереира Мораеш. Дејан Милосављев имаше 15 одбрани на голот на Вардар.

Алеиш Гомез со девет голови беше најефикасен во редовите на Барселона.

Фото: Твитер

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ