Вардар фокусиран само на победа против Монпелје

Вардар во сабота во „Јане Сандански“ со почеток од 17.30 часот го игра последниот натпревар од групната фаза во Лигата на шампионите и тоа против актуелниот европски првак, Монпелје.

„Црвено-црните“ се сигурни патници во осминафиналето, но засега останува нејасно дали ќе финишираат како второпласирани или место подолу на табелата во Групата А. Конечната позиција ќе покаже и против кој тим ќе игра во нокаут-рундата.

Со победа против Монпелје и пораз на Веспрем на гостувањето кај Кјелце, Вардар ќе заврши како втор. Во секој случај, третата позиција во групата му е загарантирана на нашиот шампион.

„Ова ни е последен дуел од Лигата на шампионите и со победа ќе направиме одличен резултат. Фокусирани сме на натпреварот и сакаме да покажеме дека можеме да го совладаме Монпелје. Сепак, што и како ќе се случи ќе видиме потоа откако ќе ги знаеме другите резултати. Ние мораме да победиме за да можеме потоа да имаме одредени калкулации околу пласманот”, изјави Парондо.

Имаме 5-6 ракометари кои се жалат на повреди. Не можам со сигурност да кажам дали ќе играат или ќе одмораат. Ќе видиме од ден за ден колку ќе бидат подготвени и кои ќе можат да дадат 100 проценти на терен. Имаме план А, Б, Ц и Д и тоа на сите позиции. Сепак, можеме да имаме само 16 играчи во ростер, но мораме да размислуваме на тоа кои играчи можат да играат и напад и одбрана”, додава, тренерот на „црвено-црните“.

Тимур Дибиров вели дека Вардар нема да потцени никого во елиминациите без разлика на која позиција финишира во групата и кој ќе биде противникот. Второто место би било добро за Вардар само, бидејќи реваншот во четвртфиналето би го играл на домашен терен.

„Играме дома, а Вардар во Скопје секогаш мора да победи против кој било противник. Така што нема никакви калкулации, нема ни никакви желби за понатаму, со кого и како сакаме да играме. Сакаме само да победиме и да ја завршиме групната фаза со победа. Мислам дека втората позиција е подобра само во еден сегмент, дека во четвртфиналето реваншот го играте дома. А ако размислуваме за екипите, Монпелје лани ни покажа дека никого не треба да потцениме. Така што дали играме со Загреб, со Мотор, со Спортинг, со Букурешт, не е важно за нас. Само да сме сите здрави и подготвени, ние ќе гледаме само кон врвот“, рече Дибиров.

Фото: РК Вардар

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ