Утре ден на жалост во Куманово

Утре е ден на жалост во Куманово, едногласно одлучија советниците на денешната вонредна седница на Советот, закажана по повод вчерашниот трагичен настан во Романовце каде што во семејна куќа по експлозија на плинска боца и пожар на место загинаа три дечиња, подоцна и 58 годишен маж го загуби животот, а вкупно седумина беа повредени.
Знамињата ќе бидат истакнати на половина копје, културните, спортските и забавните манифестации ќе бидат одложени.
Советниците со едноминутно молчење им одадоа почит на загинатите.
Кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски, нагласи дека кумановци сочуствуваат со болката на семејствата Алими и Сакипи.

Тој апелираше до надлежните државни институции да ја утврдат фактичката состојба и да изнесат детали. Димитриевски во свое и во име на кумановци изрази сочуство до семејствата на настраданите, и им посака закрепнување на повредените и оние кои се борат за животите.

– Најмалку што можеме да направиме е да прогласиме ден на жалост во мултикултурно Куманово кое припаѓа на сите. Сакам да ја искажам намерата на општината и граѓаните, бидејќи во овие моменти сите сме сполетни без разлика на етничката, верската, политичката припадност, заедно со овие семејства. Стоиме на располагање да помогнеме институцинално и вонинституционално, за да колку толку се ублажи болката на членовите на семејството и на сите кумановци, рече Димитриевски.

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ