УСЈЕ ја повика коалицијата О2 да ја посети цементарницата

УСЈЕ преку соопштение за јавноста ја повика денеска коалицијата О2 да ја посети цементарницата кога сака при што еколошките активисти директно ќе може да се информираат за нејзиното работење и да ги сите прашања кои ги имаат.

Оваа компанија тврди дека нејзините активности се одвиваат согласно највисоките стандарди пропишани за индустриски капацитети од овој тип во државата но и во согласност со европската регулатива.

Во соопштението, УСЈЕ тврди дека од  алтернативни горива користи биомаса и преработени фракции од неопасен отпад.При тоа се подвлекува дека граничните вредности на концентрациите на диоксини и фурани, тешките метали и  други параметри во емисиите во воздухот од цементната индустрија се многу пониски кога се употребуваат АГ, во споредба со емисиите кога се употребуваат конвенционални фосилни горива.

Следејки ги добрите практики во ЕУ, сите стандарди и барања за намалување на влијанието врз животната средина ги спроведуваме дури и пред истите да станат законска обврска. Употребата на АГ е определена како Најдобра Достапна Техника со погоре споменатите BREF документи и практично е обврска на секоја цементна фабрика. Тоа е единствен начин да се намалат емисиите на стакленички гасови во цементната индустрија. Дополнително, секоја споредба со инсталации кои се неодговорни и вршат било какви нелегални дејства немаат никаква поврзаност со работењето на нашата фабрика, велат од УСЈЕ.

Од УСЈЕ посочуваат и дека вршат континуиран мониторинг на сите наведени испусти и согласно законските обврски чуваат запис од извршениот мониторинг, кои се доставуваат до Министерството за животна средина и просторно планирање , во согласност со барањата во А-интегрираната еколошка дозвола.

За зголемување на транспарентноста, од УСЈЕ потврдуваат и дека еднаш неделно ги објавуваат податоците од континуираниот мониторинг на двата најзначајни извори на емисии – двете линии за производство на клинкер.

Емисиите од сите мерни места за сите параметри се под дозволените гранични вредности на емисии. Овие податоци во реално време и како претходен запис може во било кое време да се погледнат во Цементарница УСЈЕ, се подвлекува во соопштението.

Цементарница УСЈЕ во соопштението за јавноста истакнува дека е отворена за посети на сите заинтересирани страна и затоа се надева дека оваа покана коалицијата О2 ќе ја искористи.

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ