Уште една недела за договарање изборен ден

Партиите имаат уште една недела за да утврдат ден за изборно соочување. Наредната сабота завршува вонредната состојба и нема најави дека би можела да биде продолжена, што се толкува како краен рок за евентуално одржување лидерска средба и определување датум за избори, зад кој ќе застанат сите влијателни партии.

Медијаторот, претседателот Пендаровски, не сака да организира уште една неуспешна средба, а двете најголеми партии тврдат дека се подготвени за компромис, но ставовите – не ги менуваат.

Владеачката СДСМ ја рестартираше својата кампања. Носителите на листи во неколку изборни единици истовремено имаа координативни средби со своите регионални штабови. Од Струмица, лидерот Зоран Заев порача дека избори треба да има пред почетокот на летото, за да добиеме целосно функционални институции кои ќе го штитат здравјето и ќе ја обноват економијата. Со опозицискиот лидер Мицкоски ниту контактираат ниту преговараат за датум за избори.

Од ВМРО ДПМНЕ велат дека „Заев ја става својата тажна политичка кариера пред здравјето на граѓаните. Се залага за брзи корона избори на кои наместо гласови, ќе броиме новозаразени и починати од вирусот“. Датумите што ги предлагаат се поврзани со крајот на летото и од нив не отстапуваат.

Кај шефот на државата за една недела се одржаа две средби на политичките лидери за да се одреди датумот на закажаните па одложени избори. Доколку вонредната состојба не биде продолжена, а здравствената состојба се стабилизира, власта планира одмрзнување на изборните дејствија и старт на изборната кампања во првите денови на јуни. Според опозицијата, во наредните 60 дена треба да се концентрираме на стабилизирање на состојбата, а  изборите да се поместат кон крајот на август или почетокот на септември. Компромис се уште нема, иако сите партии му ја оставаат вратата отворена.

Соња Николовска

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ