УЈП да најде други начини за регистрација на граѓаните

Составувањето на првата електронска даночна пријава наместо да им ги олесни дополнително ќе им ги отежни работите на голем број граѓани. Бирократскиот чин на кој инсистираат државните даночници, според Здравско Савески од движењето Левица, ќе им создаде редица проблеми на луѓето кои се дигитално неуки, на старите, слепи или изменоштени лица. УЈП вели тој треба да ги искористи податоците од претходните години или по службен пат да ги преземе од пензискиот фонд, од банките и дрugi државни институции кои ги регистрираат приходите

„Пријавување на сите пензионери се граничи со бирократско изживување а УЈП не даде основа за да заклучат граѓание зошто е тоа потребно“, тврди Савески.

Барањето да се регистрираат во УЈП сите 300.000 пензионери го мобилизира Сојузот на здруженија на пензионери. Проблемот според претседателот Драги Аргировски е премногу суптилен за по него да се одлучува кабинетски. Бара итна средба со УЈП за да се изнајдат начини како на 40.000 неподвижни пензионери да им се олесни обврската и да не се изложуваат на дополнителен стрес и трошоци, за и онака плиткиот пензионерски џеб. Предлага од обврската да бидат изземени тие што освен пензија немаат други приходи.

„Мора со нас да контактираат за да ги посочиме тие случаи зашто пензиите се мали. Дали 10.000 знаат да користат компјутер, можат тоа да го сторат со внуци или деца, но што со неподвижните“, прашува Аргировски.

Даночниците вчера смируваа дека нема веднаш да се казнуваат граѓаните кои нема да успеат да се регистрираат, но ќе се активираат мобилните екипи кои ќе помагаат во извршување на процедурата. Досега во новиот електронски систем се регистрирани само 13.000  граѓани а вкупниот број на вработени, пенизонери и хонорарци надминува еден милион.

Виолета З. Стојановска

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ