Угостителите и министерот за економија во вербална војна

Угостителите и министерот за економија влегоа во вербална војна. Тие тврдат дека 15 илјади вработени во угостителскиот сектор се веќе отпуштени поради пандемијата, Бектеши негира. Изјавија и дека илјадници угостители ги одбиваат владините мерки како неприфатливи, тој, пак, го тврди обратното, дека интересот од овој сектор е толку голем што од владата морале да го дополнат фондот во банката за развој со дополнителни осум милиони евра. Ваквите изјави ги смета за уцена.

Угостителите одбиваат да ги користат олеснителните мерки на Владата, затоа што, според нив тоа ќе значи понатамошно задолжување, кое нема да можат да го издржат. Побараа,парите кои се наменети за нив, владата да ги потроши на работниците, нагласувајќи дека од почетокот на кризата до сега, угостителите биле принудени да отпуштат од работа дури половина од 29 илјади лица вработени во овој сектор.Велат дека мерките се неупотребливи и поради условите, а мал дел од компаниите ќе успеат да стигнат до нив.

Денеска реагираа и од ВМРО ДПМНЕ, кои бараат, на угостителите да им се помогне со 50 проценти од бруто платата за вработените за март, април и мај.Тие што плаќаат кирии на јавното претпријатие, да бидат ослободени од палќање,  а да се најде законски начин, кај приватните кираџии да плаќаат барем половина од киријата за овие три месеци. Исто така, и да бидат ослободени од киријата за летните тераси за целата година.

Мерки кои се бараат се и да се намалат критериумите за угостителите за аплицирање за помош од државата, бидејќи сега само 10 отсто од угостителите можат да ги искористат.  Се бара да се интервенира и за вадење на документи за аплицирање за мерките, во најбрз можен рок, електронски и на државен трошок.

Далиборка Демјанска

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ