Уапсена финансиската директорка на Хуавеи – Жесток удар за односите САД-Кина

Ако беше потребен дополнителен доказ дека примирјето помеѓу Доналд Трамп и Кси Џинпинг постигнато на Г20 самитот во Аргентина е кршливо и краткотрајно, еве го.

Апсењето на финансиската директорка на Хуавеи во Канада Менг Ванжу, која воедно е и ќерка на основачот на фирмата, е силен удар врз билатералните односи помеѓу САД и Кина.

Барањето за екстрадиција од Канада каде Менг е во притвор, заради наводно кршење на американските санкции врз Иран претставува сериозен предизвик за кинескиот телекомуникациски гигант, кој е тесно врзан за режимот од Пекинг и ја инкарнира кинеската амбиција за хегемонија во напредните технологии.

За Кина станува збор за сериозно кршење на човековите права.

„Како една од постојаните членки на Советот за безбедност на ООН, Кина секогаш строго ги имплентирала неговите резолуции. Кина се противи на секоја земја да наметнува унилатерални санкции надвор од рамките на Обединетите Нации. Позицијата на Кина е конзистентна и јасна. Иста така, колку што знам, Хуавеи објави соопштение каде потврди дека го почитувала законот“, кажа Генг Шуанг – портпарол на кинеското МНР.

Но, тоа што ги прави односите уште позатегнати е американското обвинение за кршење на санкции против Иран. Но, кои санкции? Не може да се последните донесени од Трамп, откако се откажа од иранскиот договор, затоа што за сите останати земји потписнички, тој договор и понатаму е валиден. Што значи дека САД го обвинува Хуавеи за санкции од 2016-та година, од времето на Обама.

И тука приказната не завршува. Пред само десет дена е веста за уште еден напад од страна на Вашингтон. Апел до сите сојузници да престанат да купуваат телекомуникациска опрема од Хуавеи, затоа што фирмата е под контрола на Пекинг и нивната технологија може да биде искористена за шпиунажа или сајбер војна. Ова предупредување особено важи за Италија, Германија и Јапонија, каде Хуавеи веќе има силна и капиларна мрежа, поставена опасно блиску до американските и НАТО базите во тие земји.

Опасноста според САД станува уште поголема со воведување на новата 5Г мрежа, и конечниот премин на „интернет на нештата“.

Кинеските граѓани сметаат дека САД стравува од силата на Кина.

„САД од одамна наметнаа ограничувања врз Хуавеи. Хуавеи има многу силна база на домашниот пазар, па затоа не верувам дека апсењето на Менг ќе има реперкусии по фирмата во Кина, но може да влијае на бизнисот на меѓународниот пазар“.

„Кинеската економија станува се посилна и мислам дека САД можеби се несреќни, па затоа направи нешто да им наштетат на интересите на Кина, кои веројатно се поврзани со апсењето“.

Слободниот пазар функционира поинаку во Кина од другите земји. Приватите фирми и оператори зависат од директивите на комунистичката партија. Америка веќе имаше лошо искуство со увозот на кинески произведените матични плочи, за кои се откри дека содржеле минијатурни шпиунски чипови.

Сега стравот е дека нивните производи во сојузните земји може да се претворат во оружје, предизвикувајќи блекаути и парализи во случај на сајбер војна.

Судирот Вашингтон – Пекинг е многу поголем од трговските царини и дисбалансот во платежниот биланс, оди до самиот план 2025 на Кси Џипинг и кинеската стратегија да го претрка Западот на полето на стратешките технологии.

Ивор Мицковски

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ