Уапсен нов осомничен за убиството на новинарката Маринова

Во Германија е уапсено лице осомничено за убиството на новинарката Викторија Маринова во саботата во северниот бугарски град Русе. Апсењето го потврдија премиерот Бојко Борисов и министерот за внатрешни работи Младен Маринов кој дополнително откри дека од облеката и телото на новинарката иследниците нашле ДНК докази од извршителот на убиството.

„Во текот на истрагата дојдовме до лице кое всушност доцна синоќа беше задржан од германската полиција, по наше барање во согласност со европските механизми за соработка во безбедноста. Лицето се вика Северин Надеждов Красимиров, роден 1997 година во град Русе, со адреса на живеење во близина на местото на убиството“, изјави министерот Маринов.

Според министерот за внатрешни, полицијата разговарала со семејството и пријателите на Маринова и утврдиле дека убиството нема очигледна поврзаност со нејзината работа. Уапсениот Красимиров, кој е роден во Русе, има криминално досие поради кражба на метален отпад и во Германија постојано менувал адреси.

„Тој всушност постојано менувал адреси низ територијата на три провинции и требаше да биде уапсен, затоа што објавувајќи било што од истрагата ќе попречеше во апсењето“, рече Борисов.

Маринова беше новинарка и уредничка на бугарската телевизија ТВН и известуваше за истрага за наводна корупција поврзана со фондови на Европската унија. Бугарското обвинителство  соопшти дека покренало истрага врз основа на сомнежи за злоупотреба на фондови на ЕУ, додека полицијата го истражува убиството на Маринова.

Бугарската полиција вчера приведе осомничен Романец во врска со убиството на Маринова, но потоа соопшти дека тој ќе биде ослободен и против него нема да биде поднесено обвинение.

Игор Трајков

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ