Турција ја нападна северната граница на Сирија

Почна „Операцијата мирна пролет“, со која ќе се елиминра терористичкиот коридор долж јужната граница на Турција. Вака турскиот претседател на Твитер ја најави воената офанзива во северна Сирија.

„Нашата мисија е да создадеме безбедна зона за да можат сириските бегалци да се вратат дома“, напиша Ердоган. Додава дека Турција ќе го сочува територијалниот интегритет и ќе ги ослободи локалните жители од терористите.

Првите ракети паднаа врз градот Рас ел Аин каде се слушнати и првите експлозии. Луѓето панично почнале да бегаат, јавуваат турските медиуми.

Конфликтот е компликуван поради  курдските сили, кои се сојузници на Америка во борбата против Исламистичката држава во Сирија, но се во постојан раздор со Турција. Курдските борци, Анкара ги обвинува дека соработуваат со движењето за независност на Курдистан во Турција, кое за турските власти е терористичка организација.

Но, пред денешниот напад, американскиот претседател донесе уште една контроверзна одлука и ги повлече американските војници. Одлуката на Трамп, курдите ја доживеаја како “нож во грб”. Исплашени дека Турција ќе ја искористи денешната офанзива и за нивно чистење, најавија дека сите опции се на маса.

  • Во случај на воена операција од Турција, ќе сториме се за да се заштитиме, вели портпаролот на сириско-курдските воени сили.

Нашите луѓе се оставени без заштита, велат од прокурдските воени сили, кои наредија целосна мобилизација.

Но, Ердоган е упорен во намерата да ги врати во Сирија 3,6-те милиони бегалци кои, од почетокот на сириската војна, се сместени во пограничните кампови во Турција. Во текот на годините, помош е побарана од Америка, но официјална Анкара смета дека Вашингтон не успел да ги исполни ветувањата, и се има чувство дека само го туркале проблемот под тепих.

  • Овие обиди беа само одлагање на проблемот и нашето трпение помина, сега сме решени да создадеме безбедна зона на нашата граница за безбедност на нашиот народ и за спас на Сиријците од угнетувањето и од суровата терористичка организација, изјави Умит Јалчин, амбасадор на Турција во Обединетото Кралство.

Реакција пристигна брзо и од Европа. Воениот конфликт веднаш да прекине, бидејќи не носи никакво добро, и не очекувајте финансии, рече претседателот на ЕК.

  • И морам да кажам дека ако турскиот план вклучува создавање на т.н. безбедна зона, не очекувајте дека ЕУ ќе даде пари за тоа, порача претседателот на ЕК, Јункер.

ЕУ веќи и плаќа на Турција шест милијарди евра за да се справи со сириските бегалци на нејзина територија во замена да ги сопре мигрантите да доаѓаат во Европа. Но, Анкара бара повеќе пари, бидејќи се повеќе Сиријци ја преминуваат границата.

Алиса Шутиноска

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ