Туристите биле сварени од врелата пареа на вулканот во Нов Зеланд

Нов ден осамна на Нов Зеланд, но надеж дека некој од исчезнатите ќе биде пронајден жив по ерупцијата на вулканот на Белиот остров, повеќе нема. Потврдено е дека по надлетувањата околу целиот остров и во близина на вулканскиот кратер, знаци на живот не постојат.

  • Како што полицијата утврди синоќа, полицискиот хеликоптер орел, хеликоптерот за спасување и авионите на армијата извршија голем број на воздушни извидувачки летови преку островот по ерупцијата. Никакви знаци на живот не биле забележани во ниту еден момент, соопшти премиерката Џакинда Арден.

Точната бројка на спасени и исчезнати туристи ја потврдија од полицијата.

  • 47 луѓе биле на островот вчера. Можеме да потврдиме дека пет починаа, 31 се во болница, други 8 се се уште исчезнати, а тројца се отпуштени од болница во текот на ноќта, соопшти Брус Брд, командант на полицијата на Вајт Ајленд.

Осуммината исчезнати се туристи од Америка, Велика Британија и Кина. Сега останува спасувачките екипи да се обидат да стапнат на островот, за да ги извлечат исчезнатите, но островот, кој по ерупцијата претставува ризично тло.

  • Ќе ги слушаме советите од научниот и техничкиот комитет во Велингтон, кои во моментов имаат состанок, во надеж дека ќе советуваат кога ќе можеме да се вратиме на островот. Но, ќе ретерирам, нема да одиме на островот се додека не е безбедно за нашите луѓе., посочи Брд.

Фатално заврши туристичката посета на вулканскиот кратер на осторовот Вајт Ајленд во Нов Зеланд. Во моментот кога туристите се наоѓале во близина на кратерот, вулканот еруптирал – исфрлил врела пареа, карпи, и отровни гасови. Според геолозите, вулканот исфрлил гас од водена пареа, па според тоа загинатите биле буквално сварени. Но, научниците уште пред две недели предупредиле за зголемена активност на вулканот. Забележано е зголемено количество на сулфур диоксид, заедно со вулкански треперења – две причини за нивото на тревога да се зголеми на два од од максимални пет категории.

  • Покажува зголемена активност во изминативе неколку недели и затоа го подигнавме нивото на тревога. Се чини дека, главно, ќе има ваква ерупција, а потоа следува период на повлекување, односно тоа се случува во моментов – сега е смирено. Но, не можеме да бидеме сигурни дека нема да има нова ерупција во следните 24 часа, соопшти д-р Кен Гледхил.

Туристите биле организирани од крузер во кој крстареле. Јавноста се прашува кој им дава дозвола на тур операторите да организираат туристички посети на познатиот вулкан во Нов Зеланд, во време кога е зголемено нивото на тревога. Медиумите пишуваат дека ова не е првпат тур операторите да не ги почитуваат предупредувањата на вулканолозите. Турите кон Вајт Ајленд и натаму продолжуваат со годишна посета од 10.000 туристи, на кои за да го доживеат кратерот им се делат шлемови и гас маски, но се е на нивна одговорност.

Алиса Шутиноска

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ