Ципрас: Постои решение за државјанството, а не за идентитетот

Во договорот постои решение за државјанството, а не за идентитетот, бидејќи не можеме да им го забраниме правото на соседите да се самоопределуваат како Македонци, рече грчкиот премиер Алексис Ципрас во вчерашното интервју за грчката државна телевизија ЕРТ.

„Овој договор тоа што го прави е да не го потценува правото на самоопределување, тоа не можеме да го направиме. Не можеме да им забраниме да се самоопределуваат како Македонци“, рече грчкиот премиер.

Во однос на договорот, Ципрас рече дека Грција не сака да ги понижи соседите и рече дека со постигнатиот договор е создаден важен моментум за да се надминат и победат „трговците со патриотизам“, што постојат и од двете страни. Фразата „трговци на патриотизам“ Ципрас ја употреби неколку пати коментирајќи дека опозициите во двете земји имаат идентични позиции.

„Ако ги заменеа текстовите од изјавите, немаше да има никаква разлика, токму истото го кажаа: национално понижување, национална отстапка. Ги видов изјавите на господинот Самарас и на господинот Иванов, ако се заменеа, токму истото го кажаа“, рече Ципрас.

Лидерот на грчката опозициска Нова демократија Кирјакос Мицотакис вчера побара интервенција од грчкиот претседател Прокопис Павлопулос за договорот, пред да биде потпишан да биде донесен во Парламентот. 

Реагираше и остатокот од грчката опозиција а претседателката на политичката алијанса Движење за промени, Фофи Генимата го нарече нецелосно решение.

„Овој договор може да се прифати ако измените во македонскиот устав содржат прилагодувања на етничката припадност и јазикот под новото име и ако писмото со поканата за членство во НАТО биде испратено по завршувањето на тој процес“, вели Генимата.

Против договорот е и коалициониот партнер во владата на Ципрас, Панос Каменос но грчкиот премиер рече дека лидерот на партијата Независни Грци му соопштил дека тие нема да гласаат за договорот но и добил потврда дека коалиционит партнер нема да ја урне владата.

Игор Трајков

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ