Цариградскиот патријарх Вартоломеј за прифаќање на МПЦ

Ден пред објавувањето за постигнатиот договор за името, во црквата Свети Вартоломеј и Варнава на Вселенската патријаршија се одржа литургија од која Цариградскиот патријарх упати порака и повика на прифаќање на македонската православна црква. Патријархот Вартоломеј завчера за барањата на МПЦ и на украинската црква рече дека православаната екумена нема право да напушта цели народи. Вселенскиот патријарх повика на прифаќање на народот и „црквата на Скопје“ во православното единство, цитирајќи дел од посланието на апостолот Павле дека „кога страда еден орган, тогаш страдаат сите органи, а кога се се радува еден орган, се радуваат сите“.

„Кога еден од нашите браќа ќе биде оквалификуван како расколник или еретик, а уште повеќе кога цел еден народ, милиони луѓе, се надвор од нормалната црква врз основа на тој раскол, тогаш е потребен итен и неодложен повик на духовно будење. Апостолска должност на Мајката црква е да бара начини за спас на нашите браќа во Скопје и во Украина. Наша должност и одговорност е секогаш народите да ги вратиме кон вистината и кон канонските рамки на црквата. Бидејќи нашата Вселенска патријаршија се грижи за целиот свет и за сите народи и луѓе, без исклучок, рече патријархот Вартоломеј на литургијата во понеделник“, вели Цариградскиот патријарх.

Барањето од МПЦ е испратено и стигнато во канцеларијата на Вартоломеј, а синодот на вселенската патријаршија соопшти дека ќе ги разгледа и ќе го преземе потребното за враќање на, како што стои во нивната одлука, „црквата на Скопје“ во канонски рамки под името Охридска архиепископија. Митрополитот Тимотеј вчера за Телма потврди дека има очекувања за решение, и дека МПЦ барала признание под своето име.

Писмото на МПЦ со барањето, го надополни и премиерот Зоран Заев кој побара патријархот Вартоломеј да преземе чекори, црквата во Макеоднија да стане рамноправна црква во православниот свет.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ