Триумф на македонските ракометари против Исланд

Во првото двете соочувањата со Исланд, македонската ракометна репрезентација на гостувањето во Рејкјавик славеше со 34:33 и за прв во историјата на меѓусебните дуели успеавме да забележиме победа на теренот на противникот.

Почетокот на натпреварот им припадна на домаќините, нашата селекција првиот гол од игра го постигна дури во седмата минута, а  некаде на половината од првиот дел Исланд имаше предност од четири погодоци.

Како одминуваше времето нашата игра полека се стабилизираше и го кревавме нивото не само во нападот туку и во одбраната, а тоа резултираше со серија од 4:0 по која стигнавме до првото водството на мечот од 13:12.

До крајот на првиот дел се играше гол за гол, а на одмор се замина со нерешен резултат 17:17.

И во продолжението се играше рамноправно и во вторите 30 минути ниту еден од противниците немаше поголема предност од два гола. Во првите десетина минути Исланѓаните поведоа со 22:20,  но ние повторно влеговме во извонредна серија и на половина од второто полувреме стигнавме до водство од 26:24.

До крајот се водеше жестока битка за секој гол. Во самата завршница прво ние не реализиравме напад за водство, а на десетина секунди пред крајот Омар Магнусон ја загуби топката и ја фрли во аут по што француските судии на домашниот ракометар му покажаа црвен картон и досудија удар од седум метри за Македонија.

Обидот на Дејан Манасков Бјоргвин Густавсон успеа да го одбрани, но топката се одби до нашиот репрезентативец, кој успеа да постигне гол за конечен триумф од 34:33.

Манасков со осум гола беше најефикасен во нашиот тим, Гоце Георгиевски играше извонредно и постигна седум погодоци. Капитенот Кире Лазаров шест пати се запиша во листата на стрелците, а Филип Талески имаше пет гола.

Следниот натпревар против Исланд го играме в недела во Скопје. Мечот почнува во 20 часот, а ќе можете да го следите низ директен пренос на Телма.

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ