Трамп ја постигна целта во Брисел

И покрај тоа што најавите беа дека НАТО Самитот ќе биде неизвесен, поради тоа што американскиот претседател Трамп најави дека може да го напушти ако не се исполни неговиот услов за поделба на трошоците меѓу сојузниците во алијансата, на крај му се исполни желбата. 29-те земји членки се согласија годишно да издвојат повеќе од два проценти од својот БДП за буџетот во воениот сојуз.

„Заложбата беше 2 проценти, но ќе биде повисоко од тоа. Денеска имавме огромен прогрес. Станува збор за минимум, а точната бројка ќе ја кажат самите држави по проценката. Но, минатата година собрани се дополнителни 33 милијарди долари од повеќе земји, без САД“, изјави американскиот претседател.

Темата за трошоците за одбраната воопшто и не беа на дневниот ред од вториот ден на самитот, но Трамп повторно го отвори ова прашање, па претседателите на Грузија и Украина беа замолени да ја напуштат просторијата за челниците на Алијансата да можат да останат сами.

Трамп и претходно бараше од НАТО сојузниците да учествуваат со најмалку 4% од нивниот годишен БДП, обвинувајќи ги големите сојузници како Германија дека не издвојуваат доволно пари за НАТО, а бараат од Америка со години да ги води најскапите воени операции.  Дополнително ја обвини Германија дозволува да биде конторлирана од Русија бидејќи и плаќа милијарди за користење на рускиот гас. По овие обвинувања, Меркел денеска го убедила Трамп дека сите се на пат да го исполнат небовото барање.

„Американскиот претседател повторно го покрена прашањето за распределба на финансискиот товар, за што зборуваше со месеци и сите ние, или јас лично му дадовме до знаење дека сме на пат. Ова е во наш интерес и ќе не направи посилни“, рече германската канцеларка.

И францускиот претседател Макрон најави дека Франција ќе го исполни догвореното, дека ќе почне да одвојува два просценти од БДП за одбрана до 2024-та година, но изрази скептицизам дека сите ќе можат да издвојат  4% на кои инсистира Трамп. Покрај Америка, која троши околу 3,5 % од БДП за одбраната во сојузот, единствено Велика Британија, Полска, Грција и Естонија ја исполнуваат поставената цел.

Алиса Шутиноска

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ