Телефонот на Ременски форматиран, открила истрагата во Рекет

Од два телефони кои се воделе на осомничената пратеничка Фросина Ременски, еден бил форматиран, а вториот бил сменет 4 дена пред отварање на истрагата за рекетот и апсењето на Боки 13-ка, па потоа не бил најден и одземен. Истрагата открила дека еден телефон на осомничената бил форматиран, а вештачењето покажало дека на него нема никакви податоци кои може да се искористат во истражната постапка. Вториот телефон на пратеничкта бил заменет на 11-ти јули, 4 дена пред пукањето на аферата кога беа уапсени Јовановски и Милески-Кичеец. Стариот апарат го нема, но не бил најден ниту новиот мобилен апарат на пратеничката. Во Собранието тврдат дека кај нив не е пријавено дека пратеничката изгубила телефон. Ременски е осомничена во вториот дел од истрагата Рекет поврзана со активностите на Меѓународниот сојуз.  Одземен и е пасошот и таа не смее да го напушта Скопје. Извршен и е претрес во домот, а таму се најдени и документи од разузнавачките служби. Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција ја известило наследничката на УБК, новата Агенција за национална безбедност дека имало доверливи документи кај пратеничката. Откако информацијата беше објавена, пратеничката реагираше преку Фејсбук и ги демантираше обвинувањата за злоупотреба со документите бидејќи таа како носител на сертификат за државна тајна и пратеник од комисијата задолжена за надзор на тајните служби   во Собранието имала пристап до доверливи документи преку кои открила криминал и поднела кривични пријави. И во денешниот фејсбук статус Ременски навестува дека во документите најдени кај неа има сомнежи за криминал на раковорители и вработени во тајните служби.

  • Согласно закон, документ со кој се прикрива кривично дело, пречекорување на овластувања или други незаконски дејствија не може да биде класифициран документ.
  • Веста е објавена во пресрет на институционална потврда по моја претставка за крајно незаконит влез и претрес во мојот дом што отвара друга сериозна димензија за законитоста во постапување на надлежните за спроведување на истражното дејствие.

Обвинителката Рускоска потврди дека се најдени документи за што е известена АНБ но и дека доколку има криминал во тајната служба како што навестува пратеничката, тоа ќе се истражи.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ