Театарот „ Војдан Чернодрински“ од Прилеп со повеќе содржини ќе го слави 70 роденден

Театарот „ Војдан Чернодрински“, од Прилеп, од 17 до 23 февруари, ќе ја чествува седумдесет годишнината од формирањето. Манифестацијата е насловена „Недела на театарот“, во која ќе бидат прикажани премиерата на претставата „Лажговци“, пет претстави од тековниот репертоар и проектот „Глумците пеат“.

Прославата ќе започне на 17 февруари со премиерата на црната комедија „ Лажговци“, во режија на Коле Ангеловски, а датумот, 18 февруари 1950 година, кога е формиран театарот „ Војдан Чернодрински“ од Прилеп, ќе биде одбележан со манифестацијата „ Глумците пеат“.

Прилепскиот театар низ изминативе седум децении се развивал и растел, афирмирајќи го светското, но и домашното драмско творештво. На неговата сцена за првпат се поставени текстови од роднокрајните автори: Коле Чашуле, Томе Арсовски, Блаже Алексоски, Благоја Ристески-Платнар, Трајче Крстески, Василе Димески, Петар Петрески.

Низ годините се ределе премиерите еднаподруга, се нижеле успесите и падовите на театарот. Колективот се збогатувал со искуства низ секојдневната пракса, за денес да биде врвен ансамбл со 18 актери, кој постигнува успеси не само во Македонија, туку и во регионот и пошироко.

Завесата на НТ од Прилеп, првпат се кренала со изведбата на претставата „Кир Јања“, од Ј.С.Поповиќ, во режија на Аце Михајлоски. Првите актери кои стапнале на сцената биле: Рампо Ачески, Борка Димкароски, Благоја Кепески, Борка Солески, Блага Алампиоска, Блага Батаклиева, Рада Смилеска, Маре Русеска, Владо Спиркоски, Аце Михајлоски, Нада Галеска, Цане Настоски, Димче Шилоски и др. За 70 години постоење, театарот „Војдан Чернодрински“, кој сега е дел од НУЦК „Марко Цепенков“, прикажал околу 350 премиери и одржал околу 7000 изведби на претстави што ги гледале над 1,5 милиони луѓе.

Најгледани и наиграни претстави низ годините се „Од кол на кол “, во режија на Коле Ангеловски и „Солунски патрдии“ од Миле Попоски, исто така во режија на Коле Ангеловски.  Голем успех во минатото е постигнат и со претставите „Цена“, „Од глаата си патиме“, „Силјан Штркот“, „Лулка“, „Медеја“, „Кумови“, „Собирен центар“, „Туѓо сакаме, свое не даваме“, „Молам за секс“, „Градење црква“, „Коста Саруфте“ „Глоговиот џбун“ и др. Во досегашното постоење на театарот од Прилеп, најголем успех  кај македонската и кај балканската публика постигна претставата „Тапани во ноќта“ од Бертолт Брехт, во режија на Мартин Кочовски, која се крена до димензии на бренд на македонскиот театар. Покрај трите награди на фестивалот МЕСС во Сараево, таа беше победник на 44-тото издание на МТФ „Војдан Чернодрински“. Не помалку наградувана е и „Кавкаскиот круг со креда“, која во 2011 година беше прогласена за најдобра претстава на фестивалот Екс Понто во Љубљана, Словенија, а потоа и за најдобра претстава на МТФ „Војдан Чернодрински“.

 

 

 

 

 

 

 

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ