Театарот во Велес без греење и без претстави на репертоарот

Дали зимата го смрзна репертоарот на театарот „ Јордан Хаџи Константинов- Џинот“ во Велес ? Претстави не се играат од 23 ноември наваму, а причината е што не е обезбедено греење, велат за Телма, актери од Велешкиот театар, кои сакаа да останат анонимни. Според нив, нафтата за греење на објектот не е обезбедена сеуште зашто се чека да се реализира тендерската постапка. Нашите извори го обвинуваат в.д. директорот Александар Ивановски, дека не обезбедил греење за театарот на време, зашто почесто е во Романија, каде режира, а само еднаш месечно се враќа, за да ги потпише платите на вработените.  Поради проблемот со греењето била одложена премиерата на претставата „ Сестрите Прозорови“, додаваат од театарот.

Ивановски од Романија, вели дека до 23 ноември, кога му завршил првиот мандат, траел минатогодишниот тендер за набавка на нафта за театарот и веднаш бил распишан нов, а постапката почнала да тече. Тој рече дека денеска добил ново решение од Министерството за култура, за в.д. директор, по што ја потпишал одлуката за набавка на нафта, која очекува да стигне во најскоро време.

Доцнењето беше поради тоа што јас бев без мандат, од 23 ноември до денеска, а театарот немаше в.д. директор. Во тој период, јас немав мандат да ја потпишам одлуката за тендерската постапка,

вели в.д директорот Александар Ивановски.

Од Министерството за култура потврдуваат дека по истекот на мандатот, Ивановски повторно е назначен за в.д. директор на Велешкиот театар и дека потребните сретства за греење, во висина од 800 илјади денари, одамна се префрлени на сметката на установата.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ