Тамара се врати – се чувствува како победник

Тамара се врати од Израел. Точно на полноќ заедно со тимот се сретнаа со насобраните кои трпеливо ги чекаа целата вечер. Летот доцнеше неколку часа, но тоа не влијаеше на расположението кај присутните на скопскиот аеродром.

Тамара се фотографираше со фановите, а потоа кратко им се обрати. Кажа дека е среќна што барем неколку дена нејзината музика ги обедини сите.

„Сите бевме обединети, заедно славевме музика, славевме љубов, славевме нешто коешто ретко се случува. Јас сум многу среќна што ви го овозможив тоа.“ кажа Тамара Тодевска во обраќањето пред присутните.

Финалето беше стресно, ни раскажа Тамара. Како што добивале максимум поени од стручните жирија од другите земји, така биле се повозбудени. Призна дека сепак жали за тие малку поени што и недостигаа за да заврши како прва во тој дел од гласањето.

„Не бевме воопшто свесни што ни се случува. Цело време како ни се редеа дванаесетките – се вртевме и се гледавме и си викавме „што направивме!“. Беше неизвесно, искрено ми е многу криво за тие два бода поради коишто барем првото место од жирито го испуштивме ама не е битно. Никој не доминираше повеќе од нас оваа Евровизија. 45 минути бевме први, 45 минути буквално не покажуваа нас на секои три минути, така што победивме искрено, така се чувствуваме, како победници. А, ова што ни го приредивте, овој дочек уште повеќе не израдува.“ изјави Тамара Тодевска.

Оние кои дојдоа да ја пречекаат и да ја поздрават Тамара на аеродромот беа почестени и ја слушнаа во живо песната која и го донесе осмото место на Евровизија.

Петар Догов

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ