Талески остана без клуб: Балинген не му понуди нов договор

Македонскиот ракометен репрезентативец Филип Талески е во потрага по нов клуб, откако бундеслигашот Балинген денеска објави дека не го продолжува неговиот договор.

Предвремениот прекин на Бундеслигата поради коронавирусот придонесе Балинген како и неколку други клубови да се соочат со голема финансиска криза. Клубот затоа одлучи да му се заблагодари на Талески за придонесот оваа сезона.

„Би сакале да му се заблагодариме на Филип за покажаната посветеност носејќи го дресот на Балинген. Неговиот договор, што истекува на 30 јуни, нема да биде продолжен“, објави директорот на клубот, Волфганг Штробел.

Ова беше прва сезона на Талески во редовите на Балинген, а дојде од Рајн-Некар Левен. На 26 одиграни натпревари во Бундеслигата, нашиот репрезентативец реализираше 43 голови и 26 асистенции. Талески нема да има проблем да си најде нов клуб, бидејќи интерес за неговите услуги веќе покажаа два бундеслигаши како Штутгарт и Минден.

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ