Талат Џафери пред обвинителите за изборот за претседател на Собранието

Околу еден час Талат Џафери, даваше исказ во Обвинителството за организиран криминал, за начинот на кој беше избран за претседател на Собранието, на 27-ми април вечерта. Отворена е истрага по кривичната пријава од битолското Здружение на граѓани за почитување на прописи, за што Џафери не беше расположен да коментира.

Истрагата е отворена по повеќе од една година од барањето, од  причина што досега Обвинителството не можеше да ја комплетира документацијата. Го чекаше записникот од седницата на 27-ми април, што треба да биде усвоен и на пленарна седница. Но, бидејќи записникот година ипол не е ставен на дневен ред, истрагата е почната и без него.

После Џафери, во Обвинителството пристигна и потпретседателот Горан Мисовски, кој критичната вечер, во тензична атмосфера, го повика Ферид Мухиќ како најстар пратеник да ја стави на дневен ред точката за избор на претседател на Собранието. Мухиќ го стори тоа стоечки, а останатите пратеници од мнозинството, со кревање на рака, додека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ скандираа „пуч“ и „државен удар“, го изгласаа Талат Џафери. За случајот претходно е сослушан и пратеникот Ферид Мухиќ, а не се исклучува можноста, да бидат повикани и други пратеници кои присуствуваа на седницата на 27-ми април.

Далиборка Дамјанска Цветановска

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ