Тајфунот Хагибис удри по Јапонија

Поројни дождови и силни ветришта удрија денеска по поголем дел од Јапонија, која се соочува со веројатно најсилното невреме во последните 60 години. Тајфунот Хагибис официјално ја зафати Јапонија нешто пред 19 часот по локално време, на полуостровот Изу, југозападно од Токио.

Властите апелираа до повеќе од 7 милиони луѓе да ги евакуираат своите домови заради опасноста од тешки поплави и можно лизгање на земјиштето.

Како се приближува тајфунот, очекуваме се посилни ветришта и дождови. За оние луѓе во зафатениот регион, ве молам веднаш евакуирајте се за да ги спасите своите животи и животите на вашите блиски” – предупреди Јасуши Каџивара од јапонската метеоролошка агенција.

Како мерка на внимателност, властите ги запреа редовните линии на брзата железница а откажани се и илјадници летови.

Досега потврдена е смртта на едно лице во провинцијата Чиба, источно од Токио, кога силниот ветер го превртел неговиот автомобил.

За туристите во Јапонија лоша вест е и откажувањето на спортските настани – двата рагби натпревари Англија – Франција и Нов Зеланд – Италија. Откажана е и трката на формула 1 која требаше да се одржи во Сузука.

Се надевавме дека ќе ги гледаме Англија против Франција денеска (рагби). Разочарани сме дека тоа нема да се случи, но целосно го разбираме” – изјави 57-годишниот Мајк Алсом од Велика Британија.

Откажувањето на рагби натпреварите и трката во Формула 1 секако е најмалиот проблем за жителите на Јапонија. Медиумите пренесуваат дека илјадници домови останале без струја во и околу главниот град на држава, Токио, иако дел од нив бргу биле повторно приклучени. Јапонската метеоролошка служба предупреди дека од сабота вечер до недела попладне, во поширокиот регион на Токио, се очекуваат обилни и речиси незапаметени поројни врнежи.

Тајфунот Хагибис, кој го добил името по филипинскиот збор за брзина, се очекува најсилен удар да има на островото Хоншу. Јапонската јавност стравува дека ова е најсилното невреме во државата по тајфунот Каногава во 1958-та година, во која животот го загубија повеќе од 1200 луѓе.

Јапонските медиуми потврдија дека голем број реки во моментов веќе се блиску до прелавање и предизвикување поголеми поплави.

Стравувајќи од невремето, голем број јапонци минатите денови складирале намирници и ги испразниле супермаркетите, оставајќи ги со празни полици.

Заради тајфунот, има региони со задолжителна евакуација, како и супермаркети кои уште од вчера соопштија дека денеска нема да работат, мислам дека тоа е прв таков случај вели Јуки Кавагучи од Токио.

Требаше да се вратам денеска дома во префектурата Окајама, но брзите возови не работа и затоа сум тука, не можев да заминам. Малку сум разочарана секако” –додава 25 годишната Томоми Огава.

Досега, само околу 50 000 луѓе го послушале советот на властите и се евакуирале во засолништата. Минатиот месец, Тајфунот Факса предизвика голема материјална штета во повеќе региони, уништувајќи 30 000 куќи.

Никола Илиевски

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ