СЗО е длабоко загрижен заради брзото ширење на пандемијата коронавирус

 Драстичниот раст на случаите корона вирус е причина за сериозна загриженост, оцени на вечерашната редовна прес-конференција, генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Адханом.

Додека влегуваме во 4-тиот месец од почетокот на пандемијата Ковид-19, јас сум длабоко загрижен заради брзата ескалација и глобалното ширење на инфекциите. Бројот на смртни случаи повеќе од двојно се зголеми минатата недела. Во наредните неколку денови, ќе имаме 1 милион потврдени случаи и 50 000 смртни случаи, предупреди Адханом.

Бројот на смртни случаи во Европа се искачи на повеќе од 30 000 денеска.

727  луѓе починаа во Италија, каде  бројот на нови позитивни случаи корона вирус е нешто поголем од претходниот ден, но општиот тренд од минатите 10 дена сугерира дека пандемијата конечно се успорува во оваа држава.

Шпанија денеска стана третата држава во светот по САД и Италија со повеќе од 100 000 позитивни случаи коронавирус. Лоша вест од Шпанија е дека од Ковид-19 починале 864 лица, 5-ти ден по ред кога животот го загубиле повеќе од 800-тини луѓе.

Фернандо Симон, шефот на итната медицинска служба во Шпанија, кој е во изолација откако се инфицирал со Ковид-19, оцени дека главната цел сега е да се обезбеди дека здравствениот систем ќе успее да се справи со епидемијата.

Во овој миг ние не сме во битка да видиме дали сме или не сме на максимум од инфекциите, зашто се чини дека сме и дека одиме надолу. Сега, битката е да обезбедиме дека нашиот здравствен систем ќе успее да гарантира соодветна нега за сите наши пациенти кои се во третман. За да се случи ова, мора да обезбедиме дека овој број на нови случаи и на нови пациенти во интензивна нега ќе биде намален на драстичен начин, оцени Симон.

Повеќе од 500-тини жртви има и во Франција и Обединетото Кралство, каде ситуацијата е се потешка. Во Германија мерките за карантин и социјално дистанцирање се продолжени најмалку до 19-ти Април, вклучувајќи го и Велигденското празнување. “Пандемијата не знае за празници” – изјави Меркел.

Пандемијата на корона вирус е на најкритично ниво во Соединетите американски држави, каде бројот на потврдени случаи корона вирус се искачи на повеќе од 200 илјади а се повеќе се зголемува и бројот на починати.

Проекциите на Белата куќа сугерираат дека САД ќе имаат последици од пандемијата слични на Италија, заради повеќе причини, порача американскиот потпретседател, Мајк Пенс.

Никола Илиевски

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ