Стив Абот за „ Монти Пајтон“: Менаџирав група луѓе која не се менаџира

Менаџирав група луѓе која не се менаџира зашто беа креативни, но тешки, вели Стив Абот, за комичарите од култната британска тв комедија Монти Пајтон, која годинава одбележува 5 децении од првото прикажување на BBC. Во интервјуто за Телма, Абот кој 18 години беше продуцент и менаџер на „Монти Пајтон“, зборува за универзалната вредноста на оваа комедија, која според него е базирана на добро напишаните сценарија од шестминатата комичари, за потребата од хумор денес и за наградата за животно дело која за неговиот придонес во светската кинематографија му ја додели нашиот филмски фестивал Cinedays.

Тв Телма: Што значи за Вас наградата за животно дело од фестивалот Cinedays, покрај освоените награди БАФТА, Оскар и Цезар, како основач на наградените продукции  Prominent features и Prominent Television, со ченовите на „ Монти Пајтон“ ?

  • Голема чест е за мене да бидам на Cinedays. Голема чест е за мене да бидам во Скопје. Тој е збратимен град со мојот роден град Брадфорт. Фестивалот е прекрасен. И многу ме допре што она што го работевме пред 40 години е почитувано од публиката, овде во Скопје, вели поранешниот менаџер и продуцент на „ Монти Пајтон“, Стив Абот.
  • Тв Телма : Бевте менаџер и продуцент на повеќе проекти на „ Монти Пајтон“ , од 1979 до 1997 година. Па, беше ли секогаш забавно со момците, не само пред, туку и зад камерите и зад сцените ?
  • Сметам дека со тимот на „ Монти Пајтон“ направив многу добри нешта зашто менаџирав група луѓе која не се менаџира. Тие сите се креативни таленти и многу тешки. На англиски се вели, тоа е како да се обидуваш да насочиш мачка. Значи да се обидеш да собереш шестмина. Ние имавме најлуди деловни состаноци. Но генерално, тие доволно добро се однесуваа за да потпишуваат договори и да ги разберат усните договори. (р)Но, ние бевме добри пријатели и никогаш не беше непријатно или ужасно. Не завршуваше со солзи или тужби, вели Абот.
  • Тв Телма : Како ја објаснувате револуцијата која „ Монти Пајтон“ ја направи во британската и во светската тв комедија во 70- тите и во 80-тите години? Дали таа е базирана само на добро напишаното сценарио или е комбинација од добро напишано сценарио и добро одиграни импровизации од актерите ?
  • Клучот е секогаш во сценариото. Сите 6 членови на „ Монти Пајтон“ не беа специјално актери, некои од нив станаа многу добри режисери. Некои од нив станаа прилично добри филмски актери. Но, клучот е во тоа што беа сценаристи и во сценариото. Мојата работа, на продуцентот понекогаш и на менаџерот , е да ја заштити креативноста. Се беше во напишаното. Знаеја што е смешно, работеа на тоа, работеа. И причината што се одржаа, причината што поседуваа универзалност која функционира и во држави со различни системи, е поради силата на сценариото, смета Абот.
  • Тв Телма : Колку е значаен хуморот денес, во овие деликатни политички времиња ?  
  • Мислам дека е многу важен, многу е важен. Лично, сум прилично депримиран од некои нешта што се случуваат во мојата земја, во Америка и на други места во светот и секако од климатските промени.Ние бевме многу среќни кога го работевме „ Монти Пајтон“, бидејќи немаше тогаш толку можности за креативност. Имавме три канали на англиската телевизија, а ние бевме на еден од нив. А, толку е тешко сега. Сигурен сум дека талентираните писатели ќе се обидат да го сменат светот, користејќи ја комедијата, како што тоа го правеа „ Монти Пајтон“. Но, тешко е за нив да најдат публика. Има голем избор на тв канали и на Youtube. Би сакал да можам да кажам, дека комедијата ќе го смени светот на подобро, но тешка е борбата сега, за разлика од порано, кога јас почнував, вели Стив Абот.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ