Средношколци реагираат дека професори не им држат предавања он-лајн, само им кажуваат што да учат

Средношколците се незадоволни од начинот како се изведува наставата on line, во услови кога училиштата се затворени, како превентива да не се шири корона вирусот. Ученик од 4 година во Средното медицинско училиште, на ФБ сподели дека од професорите добиле известување дека на барање на МОН, треба да ги оценат учениците до петок.  Тој се жали дека наместо да се подготвуваат за матура, треба да учат за оценка, а некои професори не држале предавања на далечина, туку само ги известувале учениците што  да учат.

Директорката на Средното медицинско училиште, Салиу вели дека оценувањето траело во текот на редовната настава во третото тромесечје до 10 март, но признава дека наставата на далечина може да се подобри.

  • Постои простор за подобрување и многу е тешко на овој начин да се заменат условите што ги нуди училиштето, но Ве уверувам дека се трудиме да извлечеме максимум во состојбата во која се најдовме, согласно ресурсите и вештините со кои се располага, вели Маја Салиу-директорка на Средното медицинско училиште.

Дека има проблеми со on line наставата, за Телма потврди и директорот на гимназијата „ Никола Карев“, Тодор Пецаџиев. Во телефонскиот разговор ни рече дека е тешко да се има увид како работат професорите зашто сите контактираат со учениците од дома. Пецаџиев , кој нема информации за евентуална ревизија на наставата на далечина, очекува на 14 април да се соберат на Наставнички совет, за третото тромесечје и да утврдат како се предавало градивото. За разлика од него, директорот на Средното хемиско училиште, Блерим Небиу е задоволен како 90% од професорите држат предавања преку платформата Zoom. Тој ги набљудувал професорите и вели дека максимално се трудат преку слајдови и со други сретства да им го објаснат материјалот на учениците. Од опозициската ВМРО и денеска повикаа да се укине или презакаже матурата, а наставниците да се растеретат од нереални оценувања.

Во коментар на ФБ , министерот за образование , Адеми , вели дека ни еден ученик нема да биде оштетен и нема да го добие тоа што не го заслужува. Тој потенцира дека се шпекулации муабетите дека МОН наредил да се врши притисок и да има ригорозно оценување и испитување. Постојат прецизни насоки со сугестии како да се следат и оценуваат постигнувањата на учениците, дополнува министерот Адеми.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ