Решението за името дел од геостратегијата на САД против руското влијание

Договорот постигнат меѓу Македонија и Грција за надминување на спорот за името е дел пошироката геостратегија на САД за борба против руското влијание во Европа, особено во земјите на Балканот, кои покрај Украина и Грузија се наоѓаат  на првата линија на влијание. Ова пред Комитетот за надворшени односи на американскиот Сенат го изјави помошник државниот секретар на САД за Европа и Евроазија Вес Мичел, изложувајќи ги детално мерките кои ги презема САД борба против се поагресивното руско влијание.

„Посветивме особено внимание на јакнење на земјите кои се на првата линија во Европа… На Балканот американската дипломатија играше централна улога во решавање на грчко-македонскиот спор за името, а ангажирани сме и во дијалогот меѓу Србија и Косово воден од ЕУ“, изјави Мичел пред сенаторите во Комитетот.

Меѓу другото во одговорот Мичел наведува дека политиката на САД кон Русија ќе се води и од тоа ефективната надворешна политиката на САД мора да биде поддржана и од воените сили на САД и целосно интегрирана со нејзините сојузници и сите инструменти на моќ.

Мичел вчера во Вашингтон се срета и со шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, на кого му честиташе за историскиот договор со Грција.

„Знам дека министерот Димитров одигра лична улога во тоа како архитект на овој Договор. САД силно го поддржуваат Договорот од Преспа. Ја цениме улогата која министерот Димитров ја има и очекуваме успешен референдум на 30 септември. Секретарот Помпео денес многу силно го поддржа овој напор и јасно му кажа на министерот Димитров дека САД очекуваат Македонија да стане 30-та членка на НАТО“, рече Мичел.

Димитров кој вчера имаше состанок и со дражниот секретар на САД, Мајк Помпео, рече дека пораките кои му биле пренесени од амриканскиот колега ќе ги сподели со граѓаните кога ќе се врати во Македонија. Димитров единствено рече дека од САД се враќа охрабрен од состанокот со Помпео и поддршката која ја добил од американските партнери за влез во НАТО.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ