Споменикот на Јустинијан Први бил подигнат со кршење на Законот за јавни набавки

Го направила избрана уметничка галерија од Фиренца, која не била специјализирана за дејноста, со понуда 164 % повисока  од таа на друга угледна и специјалзирана  фирма од Верона, која нe поминала на тендерот. Ова го констатирала работната група за споменикот на Јустинијан, подигнат, во рамките на проектот Ск 2014, од власта на Груевски. Во елаборатот се нотирани повеќе законски прекршувања, но и повреда на Уставот зашто за подигањето на споменикот не одлучувало Собранието на РМ, како што е законски, туку  Општината Центар и нејзиниот тогашен градоначалник Владимир Тодоровиќ.

Веќе осма година , на снег и на сонце, а во поново време ишаран со спреј, на десната страна на кејот на Вардар, стои споменикот на византискиот цар Јустинијан Први. Тој е подигнат на иницијатива на Министерството за култура, со одлука на Советот на Општина Центар, од јули 2008 и вклучен е во дополнителната, на тогаш веќе постоечката Програма за одбележување значајни настани и истакнати личности, со спомен обележја. Делото на Јустинијан, е од значење за државата, а со тоа е во надлежност на Собранието на РМ, а не на Општина Центар, што е дефинирано и во Законот за меморијални споменици и спомен обележја, стои во елаборатот. Покрај оваа повреда на Уставот и на Законот за меморијални споменици, прекршен е и Законот за јавни набавки, зашто на тендерот за изработка на споменикот, не е избрана специјализирана фирма од Верона, со 90 годишно искуство во дејноста, која понудила сума од 754 илјади евра , туку уметничка галерија од Фиренца , која понудил 164 % повисока сума.

– Отфрлената понуда на „ Piero Zanella SRL“, изнесувала 754 илјади и 200 евра, додека прифатената понуда на „ Pietro Bazzanti e Figlio“, изнесувала 1 милион 240 илјади евра, односно била повисока за цели 164 %, велат од Работна група за „ Скопје 2014“, при Министерство за култура

Биле прекршени и законите за буџет и за спроведување на буџет зашто Министерството за култура на сметката на Општина Центар во 2010 префрлило околу 624 илјади евра за подигање спомен обележја, а во 2011 уште 1 милион 710 илјади евра. Со тоа е направен директен упад во сретствата за финансирање на дејностите од културата и нивна злоупотреба, констатира работната група . Таа препорачува, мермерниот споменик на Јустинијан Први , вреден околу 1 милион 340 илјади евра, чиј автор е Роза Павлеска,  да се дислоцира од речното корито зашто градбата е штетна за хидротехничките параметри за пропусност и да се постави во универзитетскиот кампус, каде се наоѓа Правниот факултет, кој го носи неговото име. А, Министерството за култура до ОЈО да ги достави сите докази за отворање предистражна постапка, стои во елаборатот.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ