Споменикот на Филип Втори бил подигнат со прекршување на Уставниот поредок и на повеќе закони

Работната група за проектот „ Скопје 2014“, пред министерот за култура го доставила и петиот елаборат. Тој се однесува на споменикот на Филип Втори, за кој претседателот на работната група, Мирослав Грчев, вели дека како и во случајот со подигањето на споменикот на Александар Македонски, се прекршени Уставниот поредок и Законот за меморијални споменици и спомен обележја.

„Се именувани како спомен обележја од локално значење со што е направено сериозно прекршување на Уставниот поредок . Затоа што , на тој начин е практично суспендирано правото-законската надлежност на Собранието на РМ, да одлучува и да подига споменици. При што, за секој споменик според законот мора да гласа мнозинството на пратеници и мнозинството од пратеници од заедниците, кои не се мнозинство“, кажа Мирослав Грчев-претседател на работната група за проектот „ Скопје 2014“

Во елаборатот стои и дека е прекршен Законот за буџети, направена е злоупотреба на службена должност, а прекршени се и повеќе закони во врска со локацијата, вели Грчев и додава дека, работната група препорачува споменикот да се демонтира и дислоцира, а бетонскиот постамент да се сруши. Елаборатот од кај министерот за култура продолжува на разгледување во Владата. Споменикот на Филип Втори , беше поставен во мај 2012 година. За него беа потрошени околу 4 милиони 450 илјади евра, а инвеститор е Општина Центар. Од таму велат дека за иднината на „ Филип Втори“ ќе одлучат , откако ќе спроведат истрага по добиениот елаборат.

„Ние ќе го разгледаме дописот, односно елаборатот што ќе го добиеме и врз основа на тоа , на тие тврдења што ги има, дополнително ќе ги истражиме. Бидејќи се наоѓа на територија на општина Центар и за најголемиот дел на тие споменици или објекти, се наоѓа како инвеститор Општина Центар. Ќе постапиме согласно овластувањата и законските прописи“, кажа Саша Богдановиќ–градоначалник на Општина центар.

Работната група за проектот „ Скопје 2014“ до сега изработи 4 елаборати, за Порта Македонија, за скулптуралната композиција Мајка Тереза и за спомениците на Александар Македонски и на Андон Јанев –Ќосето. Последниот, вчера го тргна Град Скопје, со образложение дека е дивоградба, а опозицијата најави дека ќе го врати на своето место.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ