Спогодбата и уставните амандмани стапуваат на сила, од вечерва Република Северна Македонија

Известуваме дека од денес, 12 февруари 2019 година, влегува во сила Конечната Спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за Безбедност на Обединетите Нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните, што Министерството за надворешни работи соодветно го објави  во Службен весник, се вели од соопштението од Владата.

Исто така, известуваме дека се исполнети условите за влегување во сила на амандманите ХХХIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Северна Македонија и Уставниот закон за спроведување на амандманите од ХХХIII до ХХХVI на Уставот на Република Северна Македонија, што Собранието на Република Северна Македонија ги донесе на 11 јануари 2019 година. Истите влегуваат во сила денес, на 12 февруари 2019 година со соодветната објава од страна на Владата во Службен весник.

Со тоа, започнува извршувањето на обврските кои произлегуваат од Конечната Спогодба и Уставните амандмани. Првичните одлуки во врска со потребните мерки и активности за извршување на горенаведените обврски ќе бидат презентирани во соопштение за јавноста кое ќе го објави Меѓуресорската работна група за извршување на обврските од Конечната спогодба.

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ