Спасовски: Безобразно е Мицкоски да вели дека има полицајци провокатори

Дегутантно и безобразно e Мицкоски, кој и самиот има полициско обезбедување, да ги потценува полицајците кои работат за гарантирање на безбедноста на државата. Ова му го порача министерот Спасовски на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, кој обвини дека на протестите пред Собранието, наводно, имало и полицајци провокатори. Вели, треба да знае дека полицајците си ја вршат својата работа и го штитат јавниот ред и мир.

„Навистина, дегутантно ми е да слушам од еден лидер на политичка партија да потценува една институција и да потценува полициски службеници кои што работат за нашата безбедност, за сите граѓани и за безбедноста на тој лидер. Впрочем тој лидер на ВМРО ДПМНЕ има полициско обезбедување што го бараше за да го заштити. И сега одеднаш  слушаме такви квалификации. Мислам дека крајно безобразно или некоректно е таквото оценување на состојбите“, вели министерот Спасовски.

Граѓаните да бидат спокојни, 27 април нема да се повтори, дециден е министерот, по очекувањата дека е можно денеска во Собранието да се изгласаат уставните амандмани, а демонстрантите кои не се согласуваат со промена на името најавуваат дека ќе останат пред законодавниот дом. Спасовски очекува дека пратениците ќе имаат можност и капацитет да донесат важна одлука за иднината на државата.

„Македонската јавност треба да знае оти 27 април не може да се повтори во ниту еден момент. Граѓаните треба да бидат безбедни, институциите функционираат и секој без разлика дали е член на политичка партија, дали е граѓанин, кој има намера да учествува повторно во нарушувањето на уставниот поредок на Република Македонија му упатувам порака да се откаже од таквата намера, бидејќи ние сме цврсто решени да се чува уставниот поредок и да се зачуваат институциите на системот“, вели Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи.

Спасовски не сака да коментира дали лидерот на СДСМ Зоран Заев, доколку не поминат уставните измени, тој е убеден дека ќе успеат во оваа битка, многу важна за иднината на земјава. Очекува дека Договорот од Преспа ќе биде ратификуван и во Грција.

За бегалецот Груевски, пак, кој вчера преку фејсбук од Будимпешта им порача на пратениците добро да размислат пред да донесат одлука за гласање, министерот вели дека кога Обвинителството ќе ги собере сите информации, ќе ја извести јавноста, а МВР постапува по секој налог што ќе им биде даден за нивно обезбедување. Има многу информации и анализи, но тој остава Обвинителството да и ги каже на јавноста, па и онаа што токму од таму неодамна ја соопштија, дека Груевски не побегнал преку официјален граничен премин.

Поранешната министерка за внатрешни, пак, вчера, исто преку фејсбук, на Груевски му порача дека е лесно да зборува на социјалните мрежи на 800 километри од Македонија, игнорирајќи ја реалноста, таква каква што е поради испуштени шанси во минатото.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ