Советникот пратен од Меркел ни порача реформите да не останат само на хартија, а законите да се почитуваат

По три месеци откако пратен и платен директно од канцеларката Меркел ја подучува  Владата како да ја подобри економијата, германскиот советник Валтер Дефа со отворен став  – пофалби но и јасни критики и насоки што да се промени. Има примери, вели тој, каде што законите не се почитуваат, даноците не се плаќаат, и заедно со корупцијата и високиот процент на сива економија, се меѓу главните кочници за економски развој.

Политичките проблеми се надминаа и сега целата енергија треба да се насочи кон справување со реформите што е важно за домашните компании, странските инвеститори, но и за граѓаните.

Не ви недостигаат закони и документи, порача Дефа, но мора да се работи тие да се спроведат.

„Има три главни предизвици за економските реформи, а тие се имплементација, имплементација и имплементација. Без неа нема да имате резултати и се ќе остане само на хартија. Имплементацијата трае подолго од тоа што очекувате, нема да можете да ги стигнете крајните рокови и тоа ќе создаде генерална фрустрација“, вели Валтер Дефа, Советник на Владата од Германија.

Предупредува да не се дозволи процесот да се бирокртатизира, а работата не завршува со пополнување прашалници што ги бара Брисел.

Целта на реформите е да се оствари повисок раст, тој да биде паметен, инклузивен и одржлив. Власта да се фокусира и на капиталните инвестиции, но и на стабилизирање на јавниот долг.

„Повеќе производство, повеќе услуги, повеќе приходи, повеќе инвестиции, но не повеќе јавен долг.Ова е важно бидејќи ризикот од јавниот долг е товар за идните генерации“, вели Дефа.

Министерот Тевдовски смета дека земјава има најдобри резултати во спроведување на економските реформи од сите земји од дијалогот со ЕУ, но без поддршка од Унијата не би оствариле напредок, па побара заеднички пристап на Европа за поблиска соработка на регионот, правејќи интерресна аналогија.

„Многумина кои ме познаваат знаат дека сум страстен маратонец. Минатата сабота трчав заедно со маратонецот Краси Ѓорѓиев, за да го поддржам во ултрамаратонот насловен како поврзаност, кој се трчаше по Коридорот 8. Идејата на мартатонот беше да испрати порака за поблиска соработка на економиите и граѓаните на Албанија, Северна Македонија и Бугарија“, рече министерот за финансии Драган Тевдовски.

Валтер Дефа, заедно со други европски експерти, ќе и помага на Владата да ја изготви програмата за економски реформи за следните три години, што ги бара Европа.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ