Советникот на премиерот, Зечевиќ, во Надзорниот на Стопанска банка Битола, никој не гледа судир на интереси

Советникот за адвокатски услуги на премиерот Зоран Заев, Миле Зечевиќ, е избран за надворешен член на Надзорниот одбор на Стопанска банка Битола. Покрај него таму ќе членуваат и Дејан Панделески, Иванчо Велјановски, Александра Радевска, Илија Тозија и Игор Камбовски. Зечевиќ на таа позиција е предложен од еден од акционерите на банката, компанијата Пелистерка, која поседува околу 20 проценти од капиталот. Челновите на Надзорниот имаат мандат од 4 години, а за својот ангажман ќе добиваат месечен надоместок од по 50 илјади денари.

Зечевиќ е долгогодишен адвокат, а во владејачката СДСМ има висока функција, таму е организационен секретар. За локалните избори во 2017 беше шеф на Изборниот штаб на партијата.

Дејан Панделески, пак, кој е сопственик на „Пелистерка“, е кумашин на поранешниот министер за транспорт, Миле Јанакиески, но и син на Цветан Панделески, кој е директор на ЗИК Пелагонија, и е осомничен во случајот Империја на СЈО.

Зечевиќ не сакаше да зборува во камера, а во телефонски разговор за Телма вели дека оваа функција ја прифатил бидејќи е долгогогодишен другар со Панделески. Притоа, тврди, не направил ништо незаконски, во неговиот ангажман нема судир на интереси, ниту, пак, на оваа позиција доаѓа тајно. Додава дека не врши никаква државна функција, бидејќи му е надворешен советник на премиерот, за што зема надомест од 40 илјади денари.

Јас сум адвокат на Еуродистрибуција, фирма ќерка на Пелистерка, а Пелистерка не е влезена во никакви криминални дејствија, ниту е осомничена во истрагата во Империја. Јас во Надзорниот одбор на Стопанска банка Битола нема да располагам со финансиски средства, ниту ќе учсетвувам во менаџирањето на банката, туку сум надворешен член на Надзорниот одбор и како таков ќе учсетвувам со давање правни насоки како банката да работи законски. Воопшто не ми се мотив тие 50 илјади денари, туку да му помогнам на пријателот, вели Миле Зечевиќ.

Од Владата немаат проблем со ова именување, и за нив нема судир на интереси.

Ангажманот на надворешните советници во Кабинетот не ги спречува да имаат свои други професионални ангажмани. Во конкретниот случај станува збор за професионален однос меѓу независно акционерско друштво и адвокат – професионалец. Ангажманот е јавен и транспарентен и не предизвикува никаков судир на интереси, велат од Владата.

Надзорниот одбор ја контролира работата на Управниот одбор, го одобрува годишниот извештај за работењето, именува и разрешува членови на УО, а го одобрува и буџетот и програмата на банката.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ