Советникот на ДУИ ја отвори пицеријата дивоградба во заштитениот дел на Охрид

Сечење лента, балони, огномет, многу гости. Вака мина синоќешната забава на реотворањето на реновираната пицерија Луна на советникот и бизнисмен Нефи Усеини на плоштадот кај Стариот Чинар. Црвената лента заеднички ја пресекоа Усеини и градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, а советникот се пофали со фотографиите од настанот на неговиот Фејсбук профил.

Во кусиот телефонски раговор Усеини ги негираше тврдењата на институциите дека неговиот објект е дивоградба. Рече дека уредно си ги подмирува обврските кон општината и побара коректност од медиумите во известувањето, истакнувајќи дека доколку нешто не е како што треба постојат институции за тоа.

Од општина Охрид велат дека реконструкцијата на угостителскиот објект на советникот Усеини, не еизвршена согласно законот и дека ќе бидат преземени соодветни мерки против инвеститорот.

„Во врска со Вашите прашања за угостителскиот објект „  Луна“ во центарот на Охрид, Ве информираме дека надлежниот градежен инспектор има направено записник и решение за уривање на овој објект, бидејќи инвеститорот нема добиено дозвола за градење. Со овој објект ќе се постапува  согласно законските процедури за бесправно изградени објекти“, велат од општината.

Со ребалансот на Буџетот за за 2019 година, што го донесе Советот на општина Охрид предвидени се 1.500.000,оо денари во програмата за уредување на градежно земјиште во делот на ставката за рушење на нелегално изградени објекти. Објавена е  јавна набавка за ангажирање на фирма за уривање на бесправно изградени објекти, по што ќе почне да се постапува по веќе изготвените решенија за нелегално изградени објекти, информира локалната самоуправа.

Неодамна во Баку Комисијата за светско наследство расправаше за статусот на Охрид во УНЕСКО поради несоодветната заштита на природносто и културно наследство, а како најголем проблем се истакнува претераната урбанизација и дивоградбите. Градот и државата добија рок до 20 февруари да ги остранат забелешките.

Горан Момироски

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ